Педесет и пет годишниот професионален играч на покер, по потекло од Македонија, во изминатите две децении живее во Шпанија, а во 2011 година заврши на второто место на главниот Европски турнир во покер (ЕПТ) во Барселона освојувајки 532.000 евра, но не платил данок на огромната добивка.
Драган Костиќ ќе ги помине следните 18 месеци зад решетки во шпански затвор откако не успеа да го убеди апелациониот суд да ги отфрли обвиненијата дека избегнувал да плати данок.
Костиќ, за кого на Википедија пишува дека е роден во Србија, требал да плати околу 233.000 евра данок во 2011 година но во одбраната тврдел дека бил убеден дека даноците од добивките на турнирите автоматски се одземаат од казиното. Подоцна се обидел да ја префрли вината врз неговиот книговодител одговорен за даночните пријави во 2011 година, пишува порталот специјализиран за вести од светот на покерот.
Провинцискиот суд во Палма не видел причина да ја поништи одлуката донесена претходно од страна на Кривичниот суд во Палма, a во пресудата објавена во шпанскиот медиум „ABC.es“ меѓу другото се вели дека најчудно е што професионален играч, кој учествува на светски турнири и кој освојува награди од таков калибар, не се грижи за оданочувањето, туку тврди дека не знаел дали има обврска или не кога тоа е единствениот профит и приход што го има.
Одбраната на Костиќ била отфрлена и со фактот што тој пријавил добивка од 7.750 и од 20.000 од помали победи на турнири во 2012, бидејки двете биле над лимитот од 2.500 евра добивка која не подлежи на оданочување во Шпанија.
Непотребно е да се каже дека грешката на Драган Костиќ се покажа како скапа, а покрај неговата затворска казна од 18 месеци, тој ќе мора да ги отплати неплатените даноци, како и дополнителни 400.000 евра казна.
Ќарот на Драган Костиќ на турнирот за 2011 година од 532.000 евра (766.438 долари) претставува лавовски дел од вкупно заработените 980.087 долари од покер. Од почетокот на 2014 година тој на турнири, заработил само 18.695 долари.
Добивката што требаше да биде круна на неговата професионална кариера, се претвори во причина за негов неславен крај, коментира порталот.





