Најдобриот бугарски фудбалер на сите времиња Христо Стоичков со пригодно видео на својот профил на Фејсбук кани на хуманитарниот натпревар меѓу играчките легенди на Бугарија и на Македонија утре од 18 часот по локално време во Варна, од кој целиот приход е наменет за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.
„Пријатели, повторно сме заедно! Четвртите во светот! Нашата нова фондација ‘Репрезентативци 94’ го одржува својот прв голем настан – натпревар против Северна Македонија! За семејствата на сите оние кои настрадаа во трагедијата во Кочани. Ќе ни биде голема чест доколку дојдете на стадионот ‘Спартак’ во Варна во 16 часот. И уште еднаш да ја испееме заедно ‘Мила Родино’! Токму така, поминаа повеќе од 30 години од американското лето! Подостаревме и побелевме, но ви гарантираме – фудбалот не се заборава! Ве очекуваме!“, порача Популарниот Ицо Камата, најдобриот стрелец на Светското првенство 1994 во САД, на кое ја предводеше Бугарија до полуфиналето.
Покрај Стоичков, за Бугарија ќе настапат и легендарните Борислав Михајлов, Емил Костадинов, Јордан Лечков, Наско Сираков, Даниел Боримиров, Красимир Балаков, Ивајло Јорданов, Валери Божинов, Златко Јанков, Емил Кременлиев и други, а од клупата ќе ги води Димитар Пенев.
Ѓоко Хаџиевски, пак, е селекторот на македонските легенди: голманите Данчо Целески и Зоран Мицевски, дефанзивците Илија Најдоски, Благоја Милевски, Игор Митревски, Љупчо Марковски, Митко Стојковски, Светозар Станковски, Горан Георгиевски и Сашо Милошевски, играчите за врска Горан Пандев, Марјан Стојковски, Тони Мицевски, Неџмедин Мемеди, Ванчо Трајанов, Дарко Тасевски и Драган Канатларовски и напаѓачите Ѓорѓи Христов, Зоран Бошковски, Агим Ибраими, Артим Шаќири, Арџент Бекири и Ванчо Мицевски.






