Спроти одржувањето на парламентарните избори во Косово, закажани за 9 февруари 2025 година, со своја директна поддршка во полза на Албин Курти, се огласи Изет Меџити, лидерот на партијата Демократско движење, од коалицијата Вреди и вицепремиер на Владата на Македонија. „Однапред му ја честитав победата, што ќе биде запечатена на 9 февруари. Како лидер на Албанците од * Македонија силно ја чувствувам братската врска со Косово и се радувам на секое достигнување на косовската држава. Косово не е само соседна земја, туку и инспирација и модел за секој Албанец на Балканот.“ – напиша Меџити на својот фејсбук-профил по вчерашното лично присуство на предизборниот митинг на Курти и Ветвендосје, одржан во Урошевац, во Косово. На фејсбук Меџити објави фотографии, на кои, покрај Албин Курти, се гледа дека бил придружуван од Фатмир Лимани, потпретседателот на Беса и министер за социјална политика, како и на Астрит Исени, заменикот-министер за внатрешни работи. Што значи, во Урошевац вчера на митингот на Курти и Ветвендосје била соодветна делегација на коалиција Вреди, кои се и високи функционери во Владата на Македонија. Пред 6 дена, исто така, и Арбен Таравари, лидерот на Алијансата за Албанците, дел од Вреди, се огласи со јавна поддршка за Албин Курти и Ветвендосје, додека им беше лично и тој присутен на предизборниот митинг во Вучитрн, во Косово, како што објави ТВ 21. Потоа на својот фејсбук-профил Таравари објави и фотографија, на која е фотографиран со Курти во разговор со него на некоја поранешна средба, а на таа фотографија напиша: „Косово не може да најде никаде подобар премиер од Албин Курти. Неговата љубов кон Косово и неговиот народ одекнува на секој агол.“
По вчерашното присуство на митингот на Албин Курти и Ветвендосје во Урошевац Изет Меџити на фејсбук објави: „Огнена беше атмосферата на големиот митинг на Движењето Ветевендосје во Урошевац. Страста на граѓаните за поддршка на премиерот Албин Курти беше висока како и секогаш. Урошевац беше точката на средба со премиерот Курти, кому однапред му ја честитав победата, што ќе биде запечатена на 9 февруари. Албанците од Косово како достоинствен народ покажаа дека се подготвени за големи предизвици и оти имаат визија за натамошно зајакнување на државата Косово. Затоа, 9 февруари е датумот кога премиерот Курти и Ветвендосје ќе добијат уште еден мандат да продолжат со реформите, неопходни за стабилно општество. Како лидер на Албанците од * Македонија силно ја чувствувам братската врска со Косово и се радувам на секое достигнување на косовската држава. Косово не е само соседна земја, туку и инспирација и модел за секој Албанец на Балканот, кој верува во можноста за вистинска промена. Ќе продолжиме да го поддржуваме Косово, гледајќи во иднината со вера и надеж.“





