Повторно пад на домашното производство на млеко и млечни производи

Пад на домашното производство на млеко, како и на бројноста на говедата и овците кои се одгледуваат во нашата земја, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Утврдено е дека производството на млеко од крави во 2023 година се намалило за повеќе од 25 проценти, додека бројот на говедата во Македонија се намалил за скоро десет проценти во споредба со 2022 година.
Сточарите неодамна предупредија дека има проблеми со исплатата на субвенциите, а сточниот фонд во земјава продолжува загрижувачки да се десеткува, па според проценките на македонските сточари, опасноста од можна млечна криза станува се’ поизвесна.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, во споредба со 2022 година, вкупниот број на говеда е намален за 9,7 проценти.
Вкупниот број на овци во 2023 година бележи пад од 9,2 отсто. Додека пак, во истиот период, бројот на козите бележи пораст за 6,7 проценти.
Статистичарите исто така утврдиле дека има намалување и кај домашното производство на продукти од млеко.
Во 2023 година било произведено 238.328 илјади литри кравјо млеко , што е за 26,5 проценти помалку во однос на 2022 година.
– Намалување на производството е забележано и кај овчото млеко, и тоа за 20,5 отсто во 2023 година во однос на претходната година.
Производството на козјо млеко е зголемено за 3,3 проценти споредено со претходната година. Вкупното производство на месо е намалено за 7,4 отсто – пишува во извештајот ДЗС.