Повикот на Дедо Иљо Малешевски од 1878: Време е да ги убедиме нашите предавници дека Македонија има синови-херои!

„Македонци, нашата мајка стана и плаче со горчлив крик… Нашиот свет лав ‘ржи преку нашите македонски гори и долини и нѐ повикува сите да земеме оружје. … Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите предавници дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои! Малешевски планини, Македонски востанички комитет.“ – ова е дел од повикот на славниот македонски револуционер, ајдутски и востанички војвода Дедо Иљо Марков –Малешевски до македонскиот народ за кревање на Македонското Кресненско востание против турскиот поробувач. Денешниот ден, 17 април, кога во 1898 година Дедо Иљо Малешевски починал во Ќустендил, во Пиринскиот дел на Македонија, односно 126-тата годишнина од неговата смрт, е пригода за осврнување со должна почит кон револуционерната борба на овој легендарен македонски херој за слободата на македонскиот народ и за основање самостојна македонска држава.



Македонското востание е востание на македонскиот народ против отоманската власт и е кренато на 17 октомври (5 октомври по стар стил) во 1878 година во селото Кресна, во долината на реката Струма во Пиринска Македонија. Најголема причина за оружена борба за ослободување на Македонија предизвикал членот 23 од мировниот договор на Берлинскиот конгрес, кој се однесувал на Македонија и предвидувал нејзина автономија, но останување во рамките на Османлиското Царство. Веднаш по востанието на ослободената територија била  формирана полициска управа. Во сите ослободени места била воспоставена народна власт.

Во својата статија со наслов „Дедо Иљо Малешевски е последниот прочуен македонски ајдутин“ од 2022 година ТВ Нова 12.мк“ пишува: Кресненското востание било прв судир меѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Очигледното мешање во политиката на востанието и водењето на борбата и спроведувањето на своите зацртани планови на бугарските комитети довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери.

Во статијата на „Википедија“ со наслов „Македонско востание“ пишува: Македонските историчари во Кресненското востание гледаат како на важна етапа во борбата за создавање самостојна македонска држава и во развојот на македонското националноослободително револуционерно движење. Самите раководители востанието го нарекле Македонско, а најголемиот дел од раководителите и востаниците биле Македонци. Во ниеден нормативен акт на востанието не може да се сретне зборот Бугари и Бугарија, во смисла дека востанието има бугарски карактер. Еден од раководителите на востанието Димитар Поп-Георгиев Беровски секогаш во својата дописка се потипишувал како „Началникот на Штабот на Македонското востание“, а писмата испратени до комитетот во Горна Џумаја се адресирани како до „Џумајскиот македонски комитет!“

Дедо Иљо Малешевски учествувал со својата чета од 200 до 300 востаници учествувал во Македонското Кресненско востание на десната страна на реката Струма. Тој е роден на 28 мај 1805 година во Берово. Бил македонски револуционер, ајдутски и востанички војвода. Честопати е именуван како „последниот македонски ајдутин“. Основал ајдутска дружина кон средината на 19-тиот век. Со својата дружина дејствувал во областа на Источна Македонија, главно во Малешевијата. Учествува во секоја војна против Осмалиската империја. Во летото 1859 година преминал во Србија, а на 5 јуни 1862 година, во оружениот судир во Белград, предводел 400 македонски доброволци во т.н. „Иљова легија“ или „Македонски одред“. Со македонски доброволци учествувал во Српско-османлиската војна во 1876 година во составот на Руско-македонскиот батаљон.

Откако  се оженил во 1838 година, Иљо Марков се вратил во Берово. Не можејќи да го трпи турскиот зулум во 1850 година се скарал со беровскиот бајрактар Мехмед, кој потоа за одмазда пукал од заседа и го ранил неговиот брат. По овој настан, Иљо Марков ја зел правдата во свои раце и го убил Турчинот,  а потоа избегал во планина. Таму собрал мала дружина со која крстосува неколку години низ Малешевијата, Пијанец и Осогово, штитејќи го македонското население.

Во 90-тите години, кога почнува активно дејствување на македонската револуционерна организација во Македонија и Одринско, Иљо војвода со интерес ги следел настаните и ги помагал револуционерите, кои поминувале низ Ќустендил. Тој давал вредни совети за изградба на организацијата на ВМОРО. Уште додека бил жив Дедо Иљо станал легенда, а неговата храброст и јуначки дела се испеани во многу народни песни. Умира во Ќустендил на 17 април во 1898 година, Погребан бил со највисоки почести во присуство на бројни пријатели и прврзеници. Целиот град излегол да се прости со последниот прочуен ајдутски војвода.