„Побрканиот“ „политички компас“ во резонот на ДУИ: Мицкоски да се извини јавно пред Албанците зошто отишол „сам“, во „безалбанска посета“ во ОАЕ?!

„ДУИ најостро ја осудува одлуката на премиерот и владата да заминат на еднонеделна посета во Обединетите Арапски Емирати – во Абу Даби и Дубаи – без присуство на ниту еден претставник од албанските политички партии во Владата. Овој чин претставува уште едно во низата понижувања и демонстрации на потценување кон коалициските партнери и уште поважно – кон албанскиот народ во земјата.“ – наведува партијата на Али Ахмети во своето денешно соопштение, со кое им придава, како и секогаш, „противалбански“ белег  на дејствувањето на премиерот Мицкоски и на оваа влада на Македонија, што нема никаква врска ниту со вистинитоста, ниту со реалноста.  



ДУИ натаму тврди: „Со оваа одлука Владата јасно покажува дека албанските партии што одлучија да бидат дел од овој владин состав се сосема неважни. Дека се неми статисти, без тежина, без глас, без право на учество во носењето на државните политики. Оваа делегација не беше туристичка, туку државна – со директни последици врз економските и политичките односи на нашата земја. Оттука, отсуството на претставници на Албанските партии испраќа порака дека Албанците не се чинител кога се гради иднината на државата.“

„Но ова не е само понижување за партиите – ова е уште поголемо понижување за сите Албанци. Ги игнорираат нашите експерти, нашиот бизнис-сектор, нашата дијаспора и нашиот придонес во државата. Владата на тој начин создава две категории граѓани: едните што се носители на државата и другите,кои се третираат како гости во сопствениот дом. ДУИ, како партија која со децении се борела за рамноправност, учество и достоинство на Албанците, не може и нема да молчи. Ваквите постапки се уште една потврда дека Владата не ја сфаќа и не ја почитува суштината на мултиетничкиот карактер на државата. Наместо рамноправност – добиваме игнорирање. Наместо партнерство – добиваме понижување. Го повикуваме премиерот да се извини јавно пред Албанците и да даде отчет пред јавноста – дали ова е неговата визија за иднината?“

„И ги повикуваме албанските партии во Владата – да размислат дали со своето молчење стануваат соучесници во оваа дискриминација. ДУИ останува гласот и штитот на Албанците. И не смееме да дозволиме оваа политика на игнорирање и асиметрија да стане нормалност.“ – наведува ДУИ во своето соопштение, потврдувајќи дека се наоѓа и натаму „заглавена“ во своите паралелни светови на постоење и дејствување, од кои гледа на денешнава држава Македонија како да не е унитарна држава, туку племенска заедница на племенски и етнички главатари, кои што и да прават и каде и да одат мора да си имаат „рамковно-охридски консензус“ меѓу себе, иако одлуките, што ги донесуваат премиерот и владата, се од корист за сите граѓани на земјата, без оглед на етничката и политичката припадност.