Не е прецизирано кога Законот за употреба на јазиците, конечно, ќе биде испратен за мислење пред Венецијанската комисија, откако тој беше изгласан во Собранието во отсуство на опозицијата, а претседателот на државата одби да го потпише и на 14 страници пишан текст достави забелешки.
Законот ќе се најде на пленарна седница на „трето читање“ деновиве и доколку биде одново изгласан, ќе се бара мислење и од Уставниот суд.
„Целиот текст на Законот за употреба на јазиците ќе оди на мислење во Венецијанската комисија, по што може да претрпи промени во зависност од добиените забелешки, соопштија од владата денеска и потенцираа дека „Законот е усогласен со Уставот“.
Од владата уште еднаш ги повикаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во собраниските клупи за да учествуваат во расправата од третото читање.
Текстот на Законот досега не е пратен од непознати причини до венецијанската комисија, а единствено што последно е стигнато на адреса на Комисијата било барањето од Министерството за труд и социјална политика за нацртот на законот за превенција и заштита од дискриминација, објавија медиуми.
Премиерот Зоран Заев, уште во јули минатата година изјави дека „текстот на Законот за јазици кој беше искористен како алиби за нападот на Собранието на 27 април ќе оди на проверка во Венецијанската комисија… Законот за употреба на јазиците, кога Владата ќе го утврди, ќе го достави до Венецијанската комисија за мислење“.
Вицепремиерот Бујар Османи, потсетува МКД.МК, на 11 јули лани изјави дека „Додека трае расправата во Собранието, ќе се добие препорака од Венецијанската комисија“…
Законот беше утврден од владата, усвоен од пратениците и одбиен од шефот на државата…
Сега од владата велат дека „Законот е изгласан во демократска атмосфера, поддржан од мнозинството пратеници и истиот Закон е во рамки на концептот за „Едно општество еднакво за сите“…Што се однесува до Венецијанската комисија, Владата во јуни минатата година донесе заклучок според кој Законот по усвојување во Собранието ќе оди цел на мислење до венецијанска комисија.
Кога ќе се врати во Република Македониј,а постои политички консензус и политичка волја сите забелешки и мислења на Венецијанската Комисија да бидат имплементирани во истиот закон“ – изјави денеска владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, пренесува „Фокус“.





