Според неофицијални најави од Софија документот со кој Македонија и Бугарија треба да ги надминат децениските спорови за историјата и националните прашања ќе биде потпишан на двата јазика на Македонски и Бугарски.
Ниту во Скопје ниту во Софија засега никој не сака да открие точно во која форма ќе бидат користени јазиците, дали по формулата со која беше потпишана Декларацијата од 1999 година кога двете страни се повикаа на уставните јазици на двете држави или ќе биде избегната било каква референца за јазиците.
Според договорот двете земји ќе формираат работна група за таканаречена заедничка историја во која треба да влезат претставници на институции, историчари и други научници.
Првата контрола за функционалноста на договорот треба се случи по 3 месеци односно на почетокот на ноември кога ќе се анализира дали двете страни се придржуваат кон него.
Посебна задача на контролорите на договорот ќе биде да се анализира пишувањето на македонските медиуми односно дали тие ќе продолжат да пишуваат статии кои што за бугарската страна ќе бидат негативни.
Според досегашните информации во договор нема никакви санкции за прекршителите ниту пак за медиумите но од владата во Скопје, Бугарија ќе очекува да спроведе мерки за намалување на „говорот на омраза“ кон оваа земја, како што тие ги нарекуваат критиките кон источниот сосед.
Бугарија планира договорот да го даде на регистрација во Обединетите Нации со што тој според Софија би имал обврзувачки карактер.





