По 81 година во Подвис, Кичевско, е затворено упориштето на македонскиот идентитет, првото училиште на македонски јазик во Македонија!

„Затворено е училиштето во кичевското село Подвис!“ – објави ТВ 21 во својата репортажа со наслов „Празни села во околината на Кичево – падот на бројот на ученици закана за затворање на училиштата“.  Инаку, токму во Подвис пред 81 година за првпат на слободната територија во Македонија, иако во Балканот и Европа се уште беснееше виорот на војната, започна првата настава на мајчин македонски јазик во училиштето, кое го носело името на македонскиот поет Коле Неделковски. На 23 септември 1943 година, речиси цела една година пред АСНОМ, во училиштето во Подвис учителот Василко Ристески им кажал на учениците дека ќе учат на македонски јазик, велејќи им „смрт на фашизмот“, а тие му возвратиле со „слобода на народот“. Стариот историски објект на училиштето, кое претставуваше упориште на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, е веќе распаднат. За тоа време сведочи уште само спомен-плочата, запретана среде урнатините. Подвис доживеа сега и затворање на постојниот објект на училиштето, кој е, исто така, во катастрофална состојба.



Во својата репортажа ТВ 21 укажува дека целото училиште во Подвис е во катастрофално лоша состојба и натаму истакнува: Се празнат селата во околината на Кичево, а падот на бројот на ученици е закана за затворање на училиштата. Станува збор за централното основно училиште „Христо Узунов“ во Другово, Кичево, каде што учат 126 ученици од 10 околни села. Во двата подрачни објекта во склоп на ова училиште, во селото Србјани учат 12 ученици, а во селото Брждани само 2 ученици, додека училиштето во село Подвис е затворено.

Бројот на ученици се намалува од година во година. Директорката на централното основно училиште „Христо Узунов“ во Другово Билјана Стевановска-Ангелеска вели дека не се знае дали ќе биде затворено и училиштето во Брждани. Намалувањето на бројот на ученици се случува поради големата миграција во последните години и нискиот наталитет. Но друга причина е непочитувањето на реонизацијата на училиштата, бидејќи многу родители ги испраќаат своите деца од село во градските училишта.