Нашиот 13-ти роденден оваа година се совпадна со големата политичка промена што ја донесоа изборите и со одлуката на народот на оваа земја да ја одбрани Македонија од една мала група луѓе решени да предизвикаат политичка и безбедносна криза во земјата.
Тоа е најубавата честитка за нашиот роденден“, пишува во пригоден текст по повод 13-от роднден на порталот, новинарот и основач Бранко Героски.
„На денешен ден пред 13 години во интернет просторот се појави порталот Плусинфо. Тогаш сакавме и со изборот на датумот за почеток на нашиот проект – 9 мај, Денот на победата над фашизмот – симболично да ги прикажеме основите на уредувачката политика на нашиот медиум,
Во овие 13 години, се потрудивме да го демонстрираме нашето разбирање на слободарскиот журнализам. Секогаш бескомпромисно ја критикувавме власта за лошото владеење, безрезервно ги браневме највисоките домашни и меѓународни стандарди во остварувањето на човековите слободи и права, посветено ги промовиравме европските вредности и европската ориентација на земјата, искрено ги почитувавме меѓуетничкиот карактер, мултиконфесионалноста и мултикултурализмот како богатство и предност на оваа земја.
Во вакви славенички прилики секогаш скромно нагласуваме дека вложивме многу љубов во овој проект и голем труд нашиот портал да се етаблира како водечки бренд на пазарот на интернет медиуми во Македонија. Затоа сме горди на резултатите што ги постигнавме.
Плусинфо и натаму е во врвот на информативните интернет медиуми, со висока доверба и со висока читаност.
Горди сме што и бизнис заедницата ги препознава влијанието и кредибилитетот на нашиот медиум и тоа е основата на која со нашите деловни партнери градиме традиционални односи на соработка, меѓусебна поддршка и високо ниво на општествена одговорност“ пишува Героски.






