Револтирани што земјоделските култури на нивните ниви се жедни за вода, бидејќи од вчера повторно немаат вода за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“, земјоделците од Овчеполскиот регион со трактори го блокираа експресниот пат Штип-Велес.
Тие се жалат дека посевите ќе се исушат бидејќи не можат редовно да наводнуваат иако плаќаат надоместок на водостопанство „Брегалница“.
„Плаќаме надоместок за наводнување, ама посевите се сушат бидејќи не можеме редовно да ги наводнуваме нивите. Минатиот викенд ни пуштија вода, но тоа не е доволно“, се жалат тие.
Вчера директорот на АД Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов за МИА изјави дека е запрена водата за наводнување за Овчеполскиот регион бидејќи вода треба да се испорача за оризовите полиња во кочанско-виничкиот регион.
Според Богатинов проблемот што системот за наводнување е стар, му треба санација, но и долгоречно решение, какошто е изградба на цевковод до селата во Овче Поле, за да нема загуби или кражби на водата за наводнување.
Истовремено, проблем е и недостигот на стручен кадар кој треба да работи на терен.






