Писмото до ЕУ се подготвува – нудиме дијалог со аргументи

Писмото до ЕУ е во подготовка, пред да го испратам сакам да имам појасна слика до каде сме и што можеме да направиме, изјави денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на прашање до каде е подготовката на писмото со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите за членство и дали очекува поинаква опција или оптимизам од Унијата.



– Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции. Ако не се смени преговарачката рамка тогаш најдобро е да прифатиме сè што бараат соседите, да се избришеме, и тогаш ќе бидеме најсреќни? Така јас не водам политика. Ако некој друг така водел политика во минатото, да ги ограбува граѓаните и да се самоизбришува, тогаш тие беа поразени пред 4 месеци. Писмото е во подготовка. Утре патувам во Берлин, ќе има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари пред да го испратам писмото. Сакам уште малку повеќе да имам јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме – рече Мицкоски.

Премиерот минатиот викенд најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение за преговорите за членство, кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси. Тогаш тој рече дека за овој процес е потребно разбирање од Унијата, од која очекува да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион. Македонија и граѓаните, рече тој, премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања, но бара сочувства и изговори, туку почит за македонскиот народ. Најави дека ќе испрати писмо до сите инволвирани во кое ќе ја потврдам својата недвомислена воља за дијалог, реформи и изнаоѓање решение.