Во трајното решение на проблемот со името на соседот да не биде вклучен зборот „Македонија“ побараа 152 грчки професори од поголемите универзитети во светот, ставајќи го својот потпис на писмо упатено до повеќе адреси во Европа и во САД.
Од американскиот претседател Доналд Трамп, од државниот секретар Рекс Тилерсон, од посредникот Метју Нимиц, од Европска унија, од Европски парламент, од грчкиот државен врв и од опозицијата, па дури и од кипарските парламентарци потпишаните бараат оневозможување на приемот на северниот сосед во НАТО и во ЕУ со име во кое ќе биде содржан терминот „Македонија“.
„Разбирливо е зошто сме принудени да го прифатиме името Македонија со географска одредница за севкупна употреба. Но, кога и по толку многу години Скопје останува непромислено, тоа ни дава право да се повлечеме и да не го прифатиме името Македонија воопшто“, се вели во писмото. „Ајде да се консултираме со сите партии за утврдување заедничка национална политика и за започнување дипломатска кампања кон сите држави што досега ја признаа БЈРМ под името Македонија, особено Америка, пријателска Русија и нашите европски партнери. Да ги убедиме дека се сосем неисториски, апсурдни и навредливи барањата на оваа мала земја, кон која тие имаат погрешен пристап“.
Покрај „историските“ факти дека „Комунистичката интернационала призна непостоечки македонски народ на 11 јануари 1934 година, за потоа (во 1944 година), лидерот на комунистичка Југославија, Јосип Броз Тито, да го преименува регионот на јужна Југославија од Вардарска Бановина во Социјалистичка Република Македонија и нивниот словенски јазик да го прогласи за македонски”, потписниците во еден дел од долгото писмо го извадија крунскиот аргумент.
„Грција не може да го прифати името Македонија или кое било име што го вклучува терминот Македонија, бидејќи Македонија на крајот ќе остане само на терминот Македонија, како што веќе се случува во меѓународните односи“, констатираат тие.





