Пецаков: Борбата на хероите што го ослободија Охрид на 7.11.1944 да биде мотив да ги сочуваме достоинството на татковината и сѐ што е македонско!

„Ja славиме слободата на нашиот Охрид и им оддаваме почит на сите херои, кои ги положија своите животи на браникот на татковината. Седми ноември не е само историски датум, тоа е нашиот аманет да ги водиме новите поколенија по патот на слободата, правдата и солидарноста. Искрено верувам дека херојските стремежи на нашите предци, ќе бидат наш силен мотив во денешната политичка и дипломатска борба, да го сочуваме достоинството на нашата татковина и се што е македонско.“ – порача градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на синоќешната Свечена академија, која се одржа синоќа во Центарот за култура “Григор Прличев” по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид во организација на локалната самоуправа и на Сојузот на борци на Охрид и Дебрца. Ова го објави локалниот информативен портал „Охрид њуз““



Порталот натаму пишува: Со оваа академија практично започнаа обемните активности за одбележувањето на денешниот празник 7 ноември, Денот на ослободувањето на Охрид на 7 ноември во 1944 година. Десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид, кои ги водеа партизанските одреди со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојство 80 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.

Во текот на изминатите 80 години многубројни охриѓани ги вложиле  својата енергија, знаење и труд во унапредувањето на Охрид. На овие простори, благодарение на големите дела, на неизмерната мудрост и културните достигнувања, е создаден е град, кој е денес признат и ценет не само во Македонија, туку и во целиот свет. Сите наши претходници оставиле значаен печат, а ние свесно и одлучно си поставуваме цел да продолжиме кон уште поголеми остварувања.– дополни охридскиот градоначалник Пецаков во својата реч синоќа.

На свечената академија ѝ претходеа изложби на Нина Ангелоска насловена “Охрид од високо” и на Славко Упевче насловена “55 години ликовна хроника на Охрид” и тие се поставени во во галеријата и изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“.Во рамки на синоќешната свеченост беа организирани културно-уметничка програма и музичко-сценска изведба под наслов “80 години слободен Охрид” на ученици од основните и средни училишта во градот, охридскиот градски хор “Вокс Лихнидос”, како и Охридскиот камерен оркестар.

Во рамки на чествувањата на 80-годишнината на ослободувањето на градот Охрид денес на 7 ноември, на самиот празник, ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен обележјата од Народноослободителната борба на градските гробишта, во градскиот парк, пред Основниот суд и во дворот на училиштето „Св.Кирил и Методиј“. Во селото Рамне ќе се одржи панихида пред споменикот на борецот Јасна Ристеска во 10 часот. Денес во 13 часот на стадионот на „Билјанини Извори“ ќе се одржи Европски куп во параглајдинг „Охрид 2024“. На отворањето ќе се обратат градоначалникот Кирил Пецаков и министерот за спорт Борко Ристовски. Во 13 часот ќе се одржи и претставување на книгата „Охридски летопис“ од авторите Павле Митрески и Димитар Смилески во големата сала на Општина Охрид.

На 8-ми ноември е предвидена промоција на книгата „Тие доаѓаат“ од ученици од охридските училишта, додека на 9-ти ноември ќе биде одржана промоција за книгата „Модра мрежа“ од авторката Марина Икономова-Шоќева.