Петте интерпелации на членовите на Судскиот совет пред пратениците

 

Петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми денеска ќе се најдат на дневен ред пред пратениците.



Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство.

Но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Во образложенијата за поднесените интерепелации објавени на собраниската веб-страна се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.

За денеска во 10 часот е закажана и нова седница на Судскиот совет. Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски вчера во изјава за медиумите прашан дали седницата на Судски совет се користи како алиби за членовите за кои се бара интерпелација, рече дека немале таква намера.

„Ние кога се закажуваше нашата седница не ни знаевме дека ќе биде на иста дата и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет“, рече Камбовски како што пренесе Независен.

На членовите на Судски совет за кои се бара интерпелација, како што изјави Камбовски, останува да одлучат сами дали ќе присутвуваат на собраниската седница или не.