„Целосно се согласувам дека не значи интерпелацијата по автоматизам и разрешување на одреден функционер. Меѓутоа, во речиси сите европски земји изгласување интерпелација за работа на функционер по автоматизам значи и оставка на самиот функционер. Претпоставувам дека нивото на демократија е поголемо таму и се остава на свеста на самите функционери. Меѓутоа интерпелацијата таму ја гледаат и како алатка на опозицијата и за надзор на работењето на носителите на јавни функции. Често ја користат за поттикнување јавна расправа.“ – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски во текот на вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма во врска со интерпелациите и нивното значење и влијание.
Осврнувајќи се на поднесената интерпелација кон Илире Даути, Петрушевски посочи дека кога веќе е изгласано и утврдено дека има прекршување на Деловник на Собрание, на Устав, не треба да постои простор за размислување дали е потребно поднесување на оставка. „Во нормален развиен демократски свет ако ти изгласаат интерпелација, со која се утврдува недвосмислено дека има прекршување на Деловникот на Собрание, на Уставот, тогаш не се размислува повеќе дали некој треба да поднесе оставка, или не. Тоа е нормален морален чин.“ – категоричен е Петрушевски.
Тој нагласи дека е важно да постои морален чин од страна на Даути, испраќајќи јасна поракаоти таа треба да поднесе оставка, за да продолжи Комисијата да функционира нормално. „Очекуваме Илире Даути да поднесе оставка. Со тоа ќе ја отвори постапката за именување друг претседател на комисијата од редовите на Европскиот фронт. Треба да дадат друго име, за да го изгласаме преку Комисија и да заврши оваа приказна.“ – заклучи пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Бране Петрушевски.





