Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска откако се повлече од трката за претседател на СДСМ на два дена пред непосредните избори, ја оспори победата на Венко Филипче поради мал број на регистрирани гласачи во однос на вкупното членство што го има оваа докорешна владеачка партија.
„Во 2019 имаше реевиденција со 83.000 членови. Последен пат официјално беше направена реевиденција. Тоа раководството сметало дека не е приоритет дали навистина се 83.000, или само 23.000 колку што се пријавиле како регистрирани, а излегле да гласаат само 12.000“, вели Петровска во емисијата „Аргумент Плус“ на ТВ24.
Актуелната пратеничка вели дека гласањето морало да биде со некој минимален цензус, затоа што , како што вели таа, не смее да се одбира претседател на СДСМ само со околу 9.000 гласови колку што му беа доволни на Филипче за победа.
„Треба да има цензус со долна граница. Претседател со 10.000 гласа не е претседател. Цензусот треба да биде барем 30 отсто од вкупните членови. Молкот на мнозинството е многу пострашен од малите бројки. Напротив мислам дека праќаат многу силна порака како таа што ја добивме на изборите кога само 153.000 гласови освоивме. Имаат сомнеж во процесот, како што имав јас, и решиле да го бојкотираат“.
Според Петровска, на изборите гласале припадници на други партии како ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, а Јован Деспотовски, кој беше втор по освоени гласови, ја злоупотребил базата на податоци да им испрати пораки на членовите да дојдат на гласање, нешто што другите ја немале таа можност.
Филипче беше избран за нов лидер со нешто повеќе од 9.000 гласа. За гласање на внатрепартиските избори на 30 јуни се пријавија околу 23.000 членови на СДСМ, но околу 10.000 од нив не излегоа да гласаат.
Според податоците од партиската Централна изборна комисија на 95 отсто обработени гласови, од неговите противкандидати Јован Деспотовски доби 2.705, а Александар Бајдевски 905 гласа. Актуелната пратеничка и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, иако непосредно пред изборите рече дека се повлекува од трката, доби 190 гласа.






