„Црковната припадност низ историјата била одредувачка состојка во создавањето и одржувањето на македонскиот национален идентитет. Испреплетеноста, а понекогаш и изедначувањето на религиозната со народносната идентификација на Македонците, прави прашањето на статусот на МПЦ-ОА да биде и денес суштински важен дел за потврдување и одржување на државноста на Македонија и на посебноста на македонскиот национален идентитет.“ – се наведува во анализата на новинарката Јасминка Павловска со наслов „Уште еден обид за грабнување на македонското име“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Името на Мaкедонската православна црква е одредувачка состојка во создавањето и одржувањето на македонскиот национален идентитет!
Натаму, покрај другото во анализата пишува: „Случувањата во црквата се исто сценарио за разнебитување на Македонците. Македонската православна црква првично се залета кон Цариград, сигурно под силен притисок од политичарите. Промената се случи благодарение на Српската православна црква и добро е што (како што се чини) поголем дел од нашите владици се откажаа од томосот на Вселенската патријаршија. Во нашиот Синод има предавници како и во политичкиот врв и борбата таму изгледа продолжува. Впечаток е дека црковно Нивици нема да има и на тоа мора да се опстои. Со промената на власта во државата може да се очекува и поддршка на патриотските сили во МПЦ-ОА. Позицијата на црквата е исклучително важен дел од националното прашање на Македонците.“ – вели амбасадорот Ристо Никовски.
Најновите навестувања, пласирани во јавноста за трите услови од Вселенската патријаршија од Цариград, за да ѝ издаде томос за некаков „порамноправен статус“ на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во православната црковна заедница, подразбираат отстранување на националното обележје со придавката „македонска“ во името на црквата, покрај другите два услова. Релевантни извори од Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија говорат за тие три услови, кои за одредена друга „струја“ во црквата не се „толку страшни“.
Првиот услов е дека нашата црква треба да се именува исклучиво како Охридска црква. Вториот услов е дека не смее да се користи име изведено од именката Македонија, ниту во комуникација со другите помесни цркви, кои нè признаваат како Македонска православна црква. И третиот – Цариград, односно Вселенската патријаршија условува дејствувањето на нашата црква да се ограничи само на територијата на Република Македонија, што значи откажување од дијаспората.
За јавноста во Македонија ова е истото сценарио на надворешните политички притисоци врз домашните политички елити за потпишување на Преспанскиот договор, со кој се смени уставното име на државата, кон кое се придружуваат и „препораките“ од меѓународните фактори за внесување на Бугарите во македонскиот устав.
„Ист е контекстот на условувањата за признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со томос на Вселенската патријаршија од Цариград со политичките условувања и повеќето уцени за меѓународното признавање на Македонија. Условот и уцената и во двата случаја е промена, односно бришење на името Македонија. Она што сега се бара од Македонската православна црква – Охридска архиепископија е уривање на последната тврдина на државноста на Македонија и на именувањето на македонскиот национален идентитет. Дури и извршителите се исти: истите надворешни центри на моќ и марионетските политички структури во домашната власт, кои ја суспендираа волјата на народот на двата референдума и го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се промени името на државата со сите последици врз именувањето на македонскиот идентитет, на кои сега сме подложени.“ – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
„Македонското црковно прашање е целосно затворено со томосот за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од Српската православна црква – Пеќска патријаршија (СПЦ-ПП) од 5 јуни 2022 година. СПЦ-ПП за првпат во својата историја: (1) ја призна автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија како сестринска црква, (2) изјави дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија „е наследничка на древната и славна Охридска архиепископија“, (3) ги прифати името Македонска православна црква – Охридска архиепископија и титулата на нејзиниот поглавар како Архиепископ Охридски и Македонски и (4) прифати неограничена јурисдикција на Македонската православна црква – Охридска архиепископија врз македонските православни епархии и црковни општини надвор од границите на државата Македонија во светот!“ – нагласува Тодор Петров.





