Перински: „Водовод“ должи околу 15 милиони евра, а за ЈСП Скопје нема жив човек на светот кој може да го пресмета долгот

Според Министерот за локална самоуправа Златко Перински во суштина Скопје е град на солидарноста, но, како што истакнува, навистина е мизерно една метропола да се доведе во ситуација да пука по сите шавови, прашан за коментар за донацијата од Белград за автобуси.



-Градскиот превоз е еден од нив, но тука е проблемот и со отпадот, со зеленилото, проблеми има и во Дрисла. Жал ми е што сме доведени во ваква ситуација, Град Скопје да не може сам да си ги сервисира обврските. Ова е проблем за кој подолго време говоревме. Загрижен сум дека обврските на Град Скопје кон добавувачи се некаде околу 8 милиони евра. Неофицијалните информации ми потврдуваат дека „Водовод и канализација“ должи околу 15 милиони евра, „Комунална хигиена“ околу 6 милиони евра, „Улици и патишта“ околу 3,5-4 милиони евра, за „ЈСП Скопје“ нема жив човек на светот кој што може да го пресмета долгот. Следната година ќе треба системски да работиме за градот нормално да профункционира и да почнеме од нула, одговори Перински на новинарско прашање на трибината „Платформа: 100% посветени за тебе – „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.