Перински во Гази Баба: По обновата Домот на културата во Ченто пак ќе биде центар на културата и креативноста

Во рамки на теренските посети на општините под мотото „Каде што срцето е дома“ министерот за локална самоуправа Златко Перински заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот Бобан Стефковски извршија увид на реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ во паркот во Ченто. Градоначалникот Стефковски информираше дека домот ќе се простира на илјада квадратни метри квадратни со капацитет за 180 гледачи: ќе има три нивоа, ќе биде енергетски ефикасeн, со лифт и тоалети за лица со посебни потреби.

„Повеќе од 40 години ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба: тука се случуваа и девијантни појави. Но, за помалку од 18 месеци од денес ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84, 2 милиони денари, кои се обезбедени од првиот јавен повик на Владата. Финансиската поддршка на инфраструктурни проекти во општините е од историска важност и таа ќе донесе забрзан развој, кој ќе ги реши децениските проблеми на граѓаните.“ – изјави градоначалникот Стефковски.

Ова е еден од четирите проекти, што ќе се реализираат во општина Гази Баба со пари од државниот буџет, за кој општината се пријави на првиот владин јавен повик.

„Повеќе од 40 години речиси сите политички гарнитури ветуваа реконструкција и инвестиција за подобрување на условите за овој Дом, но тоа не се случи досега. Оваа Влада преку првиот повик одобри пари за обнова на објектот, кое е култно место за жителите на Гази Баба. Сега како резултат на нашата посветеност за поддршка на општините, како и посветеноста на градоначалникот Стефковски да ги согледа потребите на граѓаните и да се пријави на повикот, Домот на културата ќе стане центар на креативност и културни настани, место каде што ќе може да се собираат нашите деца, културни друштва и сите љубители на уметноста и културата. Оваа Влада со дела потврдува дека е вистински пријател на општините. Ќе продолжиме да вложуваме во проекти врз основа на потребите на граѓаните. Јас се надевам дека за многу кратко време ова многу битно место за жителите од ова населено место ќе прерасне во вистински храм на културата и оти заедно ќе се радуваме на многу убави настани.“ – изјави министерот Перински.

Премиерот Мицкоски исто така не го криеше задоволството од почетокот на реконструкцијата на Домот на културата и јавно им честита на сите оние, кои биле вклучени во согледувањето на потребата за овој проект.
„Продолжуваме и натаму да инвестираме проекти во општините, да поддржуваме капитални инвестиции. Нѐ очекува динамична пролет и реализација на проектите од првиот и вториот јавен повик, кои се финансираат со наша поддршка.“ – нагласи Мицкоски.

Серијата посети на министерот за локална самоуправа Перински продолжува и во следните денови: од утре ќе се реализираат средби со управата на Општина Чаир и со месните жители.