Пендаровски: Мојата опција е европски просперитет, не враќање во балканската кал

Ова е единствен исправен пат ако сакаме пристојна и, би рекол, здодевна европска демократија. Заради нашата подобра иднина, очекувам масовно гласање уште на 24-ти зашто тој резултат ќе ни каже кој ќе биде победникот и на 8 мај, рече кандидатот за втор претседателски мандат Стево Пендаровски на вечерашниот митинг во Прилеп.



Во првиот негов мандат кој, рече, бил во прилично тешки години со пандемија и ненаклонет меѓународен контекст, и покрај сите околности земјава стана членка на НАТО.

Зачленувањето во Алијансата, според него, е „работа еднаква на референдумот за независност во 1991“, со што веќе никој не може да „си игра играчки“ со нашиот интегритет и суверенитет.

– Се погодија луѓе што успеаја тоа да го направат, и тоа се луѓе од структурата во која сум и јас. Го зацементиравме македонискиот јазик и идентитет, истакна Пендаровски.

Порача дека ќе бидеме и членка на ЕУ и „може да бидеме како Словенија но ни треба слога“ и „само ако не се глодаме меѓу себе“ ќе имаме стандард, високи плати и мала невработеност, што ќе ги спречи младите да се иселуваат зашто и овде ќе имаат достоинствен живот.