Кандидатот за втор претседателски мандат, Стево Пендаровски предлага две големи дебати на кандидатите за претседател на државата кои би се одржале на почетокот и на крајот на кампањата.
„Ваквиот формат на претставување на кандидатите, како што истакнаа тие, се прави во најразвиените демократии и на тој начин секој од кандидатите ќе добие простор да ја презентира својата програма.
Во пресрет на големите верски празници, претседателот Пендаровски ќе ги покани сите претседателски кандидати на ифтарска и велигденска вечера“, стои во соопштението на тимот за комуникации во изборниот штаб на Пендаровски.
Предвидено е дека оваа мастер дебата би траела три часа или 180 минути.
Како што е познато, сите национални телевизии се борат кај нив да се организираат дебатите, со оглед што, како што забележаа новинарите, тие би сакале кај нив да биде претседателското шоу.
„Но, често тоа се сведува на препукувања меѓу противкандидатите, па идејата е оваа мастер дебата да биде нешто над тоа. Така што, друго се митинзите, средбите со граѓаните и слично, но оваа мастер дебата е замислена како нешто над тоа, како шанса на неутрален терен сите кандидати да се претстават“, соопштија Богданка Кузеска и Наим Вренези, задолжени советници за комуникација со медиумите во изборниот штаб на Стево Пендаровски.
Со оглед на предизборието и големите верски празници, кои доаѓаат токму во тој период, од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Пендаровски најавуваат дека тој ќе организира и Велигденска и Ифтарска вечер, на која покрај сите други гости, ќе бидат поканети и сите шестмина противкандидати на актуелниот шеф на државата, за што се веќе исконтактирани сите изборни штабови. И на тој начин се сака да се покаже духот на позитивната кампања и респектот кон сите политички ривали, велат задолжените за комуникација на Пендаровски.
На граѓанска конвенција на трети април ќе биде презентирана програмата на Пендаровски за вториот претседателски мандат кој ќе го побара на претстојните избори.






