Претседателот Стево Пендаровски, прв кандидат кој третпат во низа ќе „трча“ за шеф на државата, се обиде да остави впечаток на самоувереност во гостувањето на ТВ Сител пред првиот круг на изборите на 26 април, испраќајќи серија отровни стрели кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг. Значи, анкетите кои јас ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, е дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат“, изјави Пендаровски за дуелот со Гордана Силјановска-Давкова, кој, според очекувањата, ќе го реши прашањето за победникот на претседателските избори, чиј втор круг на 8 мај ќе се совпадне со парламентарните.
Зборувајќи за разликите меѓу него и другите кандидати, Пендаровски рече дека „некои од кандидатите се обидуваат да наметнат ревизија на фундаменталните документи на кои почива внатрешната кохезија, Охридскиот рамковен договор или договорите со кои станавме членка на НАТО или држава која преговара со ЕУ, зборувам за Преспанскиот договор и една година претходно Договорот со Бугарија“.
„Ако вие ги оспорувате тие три договори и притоа не нудите алтернатива како тие договори можат да бидат подобри…“, додаде Пендаровски, нагласувајќи дека за сите технички министри и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ додавката „Северна“ во името на државата е неприфатлива и оти тие во ниту еден свој настап досега не кажале „Северна Македонија”, а примаат плата под тоа име.
Пресметувајќи се со фаворитот на парламентарните избори, Пендаровски премина на навреди, опишувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како „генерален секретар на Никола Груевски и негов личен избор за претседател на партијата“. За Стево, партискиот потпретседател Александар Николовски е „човек кој беше физички присутен во Виена до Груевски кога тој ја дава наредбата за напад и влез во Собранието“, а Антонио Милошовски е „да речеме број три таму и имаше судски процеси“.






