Во анализата објавена утринава, Скај њуз пишува дека дополнителните царини на Доналд Трамп би можеле да ја уништат трговијата меѓу САД и Кина, а потенцијалниот одговор на Пекинг би можел да вклучи мерки кои навлегуваат во културата и безбедноста.
Тие потенцијално вклучуваат забрана на американски филмови и прекинување на соработката во борбата против шверцот со фентанил, се оценува во анализата.
Минатата недела американскиот претседател објави тарифи од 34 отсто за кинеските стоки (кумулативно 54 отсто поради веќе важечките 20 отсто), а за време на викендот најави можно зголемување за уште 50 отсто, што би можело да го доведе вкупното тарифно оптоварување на кинескиот увоз на неверојатни 104 отсто.
Скај наведува дека ова е ниво што го прави секое тргување речиси невозможно.
Додека голем број други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Јапонија и Израел, веќе сигнализираа подготвеност за преговори, Кина досега одбиваше да влезе во играта на притисок, според Скај.
Кина во моментов е единствената голема земја која одлучи да се спротивстави на Трамп. Пресметката е јасна – подобро е да ја платиме цената на отпорот отколку да изгледаме како некој да не принудил да попуштиме, се наведува во анализата.
(…)
Покрај негативните економски ефекти, најконтроверзните опции се од политичка природа и би можеле да ја претворат трговската војна во поширока конфронтација:
Прекин на соработката со САД во борбата против шверцот на фентанил, опиоид кој е клучна тема на политиката на Трамп. Таквиот потег би бил еден вид црвена линија за Трамп и би можел да го разбесни.
Неофицијални кинески канали пренесуваат дека се размислува за забрана за прикажување на американски филмови во Кина, што би му задало удар на Холивуд.
Можен е и повик до кинеските граѓани да ги бојкотираат американските производи, кои би имале и симболична и пазарна тежина.
Скај ја завршува својата анализа со предупредување дека ако се оствари ова сценарио, светот би можел да гледа не само на целосно економско одвојување на САД и Кина, туку и на културен раскол.
Тоа би поставило преседан – не само за трговијата, туку и за начинот на кој функционираат глобалните односи воопшто, заклучува анализата.






