„Одлуката на Уставниот суд на Македонија за укинување на балансерот ги поткопува духот и одредбите на Охридскиот договор, кој донесе мир во Македонија. Со ова се загрозува и постоењето на * Македонија како мултиетничка држава. Неопходно да се разгледа законитоста на оваа одлука на Уставниот суд, бидејќи се прекршени основните принципи на Охридскиот договор, или да се донесе нов закон за правична застапеност.“ – изнесува Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграции во Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово, во својата колумна. Во неа тој најдиректно изнесува во јавноста дилема: дали Европскиот суд за човекови права во Стразбур да ја разгледа одлуката на Уставниот суд на Македонија за укинување на балансерот, или да се донесе нов закон за правична застапеност? Во колумната, која токму затоа ја насловува како „Балансерот кон Стразбур, или нов закон за правична застапеност?“, авторот јавно изразува сомнеж во способноста на Уставниот суд да донесува уставно и правно издржани одлуки во областа на правната застапеност на етничките заедници, па, ете затоа сега ќе требало и меѓународен суд да ја преиспитува неговата одлука за балансерот. Згора на ова, Пајазити индиректно ја напаѓа и Македонија дека е „етноцентрична и авторитарна држава, во која правата и слободите се укинуваат во насока на мајоризирање врз граѓаните од немнозинските етникуми“, мислејќи, пред се, на „мајоризирање врз Албанците“.
Пајазити пишува: Охридскиот договор е составен дел на Уставот на * Македонија, како највисок правен акт во државата. Правата и слободите кои произлегуваат од овој договор не може да ги укине ниту една институција, дури ниту и Уставниот суд. Овие права може да се унапредат со политички консензус на сите политички партии, кој следи по измената на Уставот со квалификувано мнозинство.
Вообичаено во демократските држави се унапредуваат правата и слободите на граѓаните без разлика на етничката припадност, додека во етноцентричните и авторитарните држави се укинуваат во насока на мајоризирање врз граѓани од немнозинските етникуми.
Одлуката на Уставниот суд на Македонија за укинување на балансерот ги поткопува духот и одредбите на Охридскиот договор, документот што донесе мир во Македонија. Со ова се загрозува и постоењето на * Македонија како мултиетничка држава, во која некои партиски судии ја мајоризираат демократијата, толкувајќи ги законите и уставот врз основа на преференциите на најголемите македонски партии.
Во овие околности е неопходно да се разгледа законитоста на оваа одлука на Уставниот суд, бидејќи се прекршени основните принципи на Охридскиот договор, односно точка 4.2, која предвидува спроведување на правичната застапеност на заедниците во сите централни органи и во сите локални јавни органи, како и во сите рамништа на вработување во овие органи, притоа почитувајќи ги едновремено и правилата за компетентноста и интегритетот, со кои се раководи јавната администрација.
Судот во Стразбур, или закон за правична застапеност?






