Паскал Паскалевски, поетот од Егејска Македонија, кој го користеше и македонскиот збор како оружје против непријателите и нивните пропаганди

На денешен ден, на 14 јануари во 1914 година во селото Долени, Костурско, е роден Паскал Паскалевски, значаен деец за националната слобода на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција, кој се бореше и со македонскиот јазик како оружје против непријателите и нивните пропаганди. Паскалевски остави бележити траги во македонското национално помнење со своето творештво како македонски поет, раскажувач, драмски автор, собирач на македонски народни песни, преведувач, новинар и публицист. Целиот негов живот и сето негово обемно творештво биле исполнети бил само со една единствена тема: татковината Македонија.



Паскалевски учествувал во Граѓанската војна во Грција (1945-1949). Покренал и уредувал повеќе весници и списанија. Македонската критика ја именувала појавата на првата стихозбирка „Пролет над Егеј“ (1949) како „прва ластовичка на современата поезија во Егејска Македонија“. Во текот на војната со Италијанците бил заробен и поминал три месеци затвор. По окупацијата на Грција во 1941 година повторно бил заробен и осуден на затворска казна. Во Плевенскиот затвор во Бугарија ја пишува својата прва песна на македонски јазик. Паскал ќе го користи пишаниот мајчин македонски збор како оружје против непријателите и нивните пропаганди.

На 17 јули 1945 година излегува првиот број на „Билтен“, прв официјален весник на Народноослободителниот фронт (НОФ), политичка и воена организација на Македонците од Егејска Македонија, формирана на 23 април 1945 година, речиси непосредно пред почетокот на Граѓанската војна во Грција. Овој весник станува траен сведок за постоењето на македонскиот народ и неговиот јазик на територијата на Егејска Македонија. Со него нераскинливо се врзува животот и делото на Паскал Паскалевски, самообразуван интелектуалец, новинар, поет, раскажувач, фолклорист, општественик и борец за светото македонско народно дело.

Во текот на Граѓанската војна во Грција Паскал Паскалевски бил член на Централниот совет, како и на агитроп на НОФ. Покрај другите должности, покренал и уредувал повеќе весници и списанија  меѓу кои „Непокорен“, „Нова Македонка“ и други. Бил и директор на курсот „Гоце Делчев“ за народни учители во слободна Преспа и во Костурската околија. Во учителското училиште идните македонски учители беа должни да научат и да пишуваат со македонска азбука, граматика, поважни моменти од македонската историја, македонски борбени песни и др.

Весникот „Непокорен“ бил орган на Главниот одбор на НОФ, кој се издавал на македонски јазик. Меѓу другото во весникот постоеле рубрики „Наша поезија“ и „Историја на јазикот и литературата“. Појавата на весникот „Непокорен“ го одушевува македонскиот народ, а тој станува многу омилен меѓу нив. Паскалевски по тој повод ќе ја напише и песната „Непокорен“. За потребите на весникот, кој излегува во периодот од 1 мај 1947 до август 1949 година, Паскал собрал низа народни песни, приказни и разни поговорки. Секој слободен момент Паскалевски го користел од своите луѓе, ученици, да запишува народна песна, приказна или легенда.

Во текот на март 1949 година, во рамки на истоимената библиотека на весникот „Непокор“, како втора книга била издадена и првата стихозбирка  на Паскалевски „Пролет на Егејот“. Нејзиното појавување, како и весникот, има посебно значење за македонскиот народ и за македонската литература, особено од Егејскиот дел на Македонија. Овој фолклорен материјал подоцна бил издаден во Скопје од Институтот за македонски јазик во книгата „Народни песни од Егејска Македонија, а истите песни заедно со други народни песни од Егејска Македонија биле публикувани во Романија од издателството на „Неа Елада“.

Паскал Паскалевски со свои прилози се јавува и во весникот „Единство“, орган на Окружниот одбор на НОФ во Костурско, кој започнал да излегува во почетокот на 1947 година, како и во двојазичното месечно списание „Нова Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените, кое излегува во периодот од 1 март 1948 до август 1949 година, за да го афирмира учеството на жените во Граѓанската војна во Грција. Во текот на 1947 година Паскалевски живее во Скопје, каде што му се родил синот Спартак. По промената на политиката на тогашна Југославија кон Демократската армија на Грција Паскалевски мора да се врати во Егејска Македонија.

По поразот на Демократската армија на Грција во 1949 година заминува како партизан-емигрант за Полска преку Албанија. Паскалевски живеел во Згоржелец до 1951 година. Потоа, кон крајот на годината, по задача дадена од комунистичката партија, заминал за Варшава каде што станал уредник и водител на часот по македонски јазик на Радио Варшава и соработник на весникот „Демократија“. Весникот бил орган на Грчката комунистичка партија, кој се печател на грчки и македонски јазик. Младите македонисти во Вроцлав расправале за поезијата на Паскалевски, што ја ценеле особено и која имале можност да ја читаат преку весникот „Демократија“.

Во 1956 година било побарано да се свика општ македонски конгрес (создавање на Друштво на Македонците од Егеј), на кој ќе се разгледаат сите прашања за идната борба за мир и рамноправност на македонскиот народ во Егејска Македонија, како и за преземање мерки за развој на културата, историјата и македонските традиции. Во тој контекст во една од точките се бара „да се печатат стихотворенијата на Паскал Паскалевски и да се снабдат со учебници од НР. Македонија“. Ова ја покажува улогата и местото, кои ги имал Паскалевски меѓу македонските бегалци, распрснати на сите страни по светот.

Во своето творештво преведувајќи и објавувајќи книжевни прилози од македонски, бугарски и грчки јазик, Паскал Паскалевски ја покажува и светлата традиција на македонскиот народ дека светот треба да се развива како поле на пријателство, доверба и соработка, како поле на културен натпревар, согласно со оваа позната мисла на Гоце Делчев. Новинарската и писателско-публицистичката работа на Паскалевски во Полска од овој период може да се следи низ страниците на „Демократија“ и низ учебниците за македонските деца во Полска, сочуваните материјали од часот по македонски јазик на полското радио, како и книги, зборници и сл. 

Во Полска поминал седумнасет години од својот живот. Во 1965 година се преселува во Бугарија, каде што повторно го прогонуваат и го обвинуваат дека е титовист. Прогонуван и затворан во Грција, Македонија, Полска и Бугарија, тој осамен и разочаран се потсетува на младоста, војните и на жртвите, кои ги дал македонскиот народ. Својата тага ја покрива со поезијата. Никогаш не престанал да пишува. Покрај на грчки на почетокот, потоа на македонски, почнал да пишува и на бугарски јазик. Сепак пишувањето на својот мајчин македонски ќе се покаже како најплодоносен. Речиси целото негово богато и разновидно книжевно и новинарско-публицистичко дело е создавано на македонски литературен јазик. Во 1997 година Паскалевски станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на книгите: Пролет над Егеј (поезија, 1949), Шест сонети (1958), Народни песни од Егејска Македонија (1959), Пролет над Егеј (собрано дело, 1997). Умира на 13 мај 2004 година во Софија, Бугарија, далеку од своето родно место, кое толку многу го сакал.

Пренесено од: статија „Паскал Паскалевски“ на „Македонска нација“, објавена на 2.7.2014, според книгата „Антон Попов и Паскал Паскалевски“ на Васил Тоциновски, 2009, Скопје)