Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), воедно и единствената македонска партија во Албанија, на парламентарните избори ќе настапи како дел од коалицијата предводена од опозициската Демократска партија (ДП) на поранешниот албански премиер и екс претседател на државата, Сали Бериша.
Според објавата на ДП, во изборната коалиција се 26 политички партии.
При потпишувањето на коалицијата договорено е на изборите да настапат под името „Алијанса за величествена Албанија“, а каде и колку ќе имаат свои кандидати на кандидатските листи со загарантирани места и отворените листи, во 12-те Изборни единици ќе биде соопштено дополнително.
Парламентарните избори, 11-ти по ред од падот на комунистичкиот систем, ќе се одржат на 11 мај, на кои за првпат ќе гласа и албанската дијаспора.






