Бизнис-ориентираната опозициска партија „Демократит“, која поддржува постепена транзиција кон независност од Данска, победи со 29,9 отсто на изборите на Гренланд.
Гласањето беше внимателно следено ширум светот поради обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз островот.
На второ место е левичарската партија „Налерак“ со 23,7 отсто од гласовите.
Ставот на победничката „Демократит“ е дека земјата не е „на продажба“.
Јенс Фредерик Нилсен, лидер на партијата, се чини дека ќе игра клучна улога во обликувањето на иднината на Гренланд, објави The Independent.
Нилсен беше отворен критичар на странското мешање, особено како одговор на сугестијата на Доналд Трамп дека САД би можеле да го купат арктичкиот остров.
Второпласираната „Налерак“, пак, се залага за брзо отцепување од Данска.
Поголемиот дел 57-те илјади жители на најголемиот остров на светот се против можноста да биде ставен под амаериканска контрола.
Гренланд е поранешна данска колонија и е територија од 1953 година. Доби одредена автономија во 1979 година, кога беше основан нејзиниот прв парламент.
Но, Копенхаген сè уште ги контролира надворешните работи, одбраната и монетарната политика и придонесува со нешто помалку од милијарда долари годишно за економијата.
Во 2009 година, Гренланд го доби правото да прогласи целосна независност преку референдум, но тоа сè уште не е направено поради загриженоста дека животниот стандард на жителите може да се намали без данската економска поддршка.






