Решавањето на проблемот со името, ќе ни дозволи повторно да ја искористиме нашата стратешка позиција на Балканот, вели Јоргос Папандреу во интервјуто за грчкиот весник „Етнос“, пренесува МИА, според кој „Скопје, ако се тргне настрана името, е нашиот природен сојузник“.



За потребата да се најде решение на спорот со името, како доказ во пракса дека постои волја од македонска страна, говори поранешниот министер за надворешни работи на Гриција, а подоцна и премиер, Јоргос Папандреу, во интервјуто за грчкиот весник „Етнос“.

Тој смета дека доколку сегашните околностите дозволат задоволително решение, пошироката геополитичка ситуација е уште една причина да одиме чекор понапред.

Папандреу оценува дека актуелната македонска Влада, сфатила дека иредентизмот води кон ќор сокак и коментира дека ако се тргне настрана името, тогаш Скопје е природен сојузник на Атина.

Папандреу, поранешен лидер на ПАСОК, во интервјуто ја критикува опозициската Неа демократија поради инсистирањето коалиционите партнери во владата, Сириза и Независни Грци, да се согласат за една единствена и заедничка позиција.

„Не се согласувам со позицијата на Неа демократија. Во едно толку сериозно национално прашање, треба да преземеш одговорност, а не да бегаш, поставувајќи го како услов договорот на коалиционите партнери. Неприфатливо и неодговорно е да го прават господинот Каменос регулатор на ова национално прашање“, коментира поранешниот грчки премиер за „Етнос“.

Јоргос Папандреу во периодот 2009-2011 беше премиер на Грција, а по внатрешно партиските несогласувања го напушти ПАСОК. Пред две години формираше своја партија „Движење на демократските социјалисти“, која е со мал рејтинг и мала популарност во Грција.