„Пред крајот на мандатот како комесар за проширување во Европската комисија Оливер Вархеи најави дека во октомври ЕУ планира да одржи меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби со Македонија, истовремено нагласувајќи дека проширувањето на Европската Унија е ‘главен приоритет и дека не е прашање ’дали’, туку кога ќе се случи тоа’. Но, Македонија треба да опстои на своите национални интереси во преговарачкиот процес, без авантуризам со нови брзоплети решенија, кои многу веројатно и понатаму ќе ни бидат нудени.“ – предупредува новинарката Јасминка Павловска во својата колумна со наслов „ЕУ бара ‘критична маса’ за проширување, а Македонија фер принципи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму Павловска пишува: Во изјавите на функционерите на ЕУ, било да се на заминување, или на доаѓање, проширувањето на Унијата речиси секогаш се најавува како неизбежна иднина, но во реалноста таа неизбежност ја усложнуваат со многу таинственост, неизвесност, недоследност, па и манипулативна непринципиелност. „Вообичаено е специјална“ сегашната позиција на Македонија во односите со таа само на збор принципиелна Унија, која им угодува на непринципиелните каприци на своите земји членки. Покрај вообичаените критериуми во преговарачката рамка, Македонија мора да исполнува и „специјални“ услови за почеток на преговорите, по желба и барање на соседите-членки на ЕУ.
Македонија го има како понуда од ЕУ т.н. француски предлог на преговарачката рамка, кој за да се активира, треба да спроведе уставни измени за внесување на бугарското малцинство во Уставот. Недовербата на македонската јавност во ваквите „специјални понуди“ на Европската Унија е изразена и во најголема мера оправдана со многу претходни изневерени ветувања од поранешни функционери на ЕУ, но и поранешни и актуелни лидери на стожерните земји членки на Унијата – на пример, Меркел од Германија и Макрон од Франција. Недовербата на јавноста и неприфатливите услови во францускиот предлог, поради основаниот сомнеж за загрозеност на македонските национални белези и интереси се наметнуваат како обврска на новата македонска дипломатија за внимателност и доследна принципиелност во понатамошниот преговарачки процес со ЕУ, кој и понатаму за Македонија е неизбежен и стратегиска определба.
За зголемување на процентот на возможност од она „можеби“ на Вархеи за одржување на втората меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, денеска премиерот Христијан Мицкоски во Брисел го презентира идејниот проект на неговата влада, неформално наречен „француски предлог плус“, според кој, бараните уставни измени би се изгласале во македонското собрание, но би имале одложено дејство до завршувањето на преговорите и членството на Македонија во ЕУ. Водејќи се од искуствата со инертноста на бриселската администрација, но и премолчено прифатената практика на ЕУ да се врши притисок врз послабата страна (земјите кандидати секогаш се во послаба позиција) – ниту во Македонија не е преголем оптимизмот дека „францускиот предлог плус“ на македонската влада ќе помине „од прва“ во Брисел.
Но, исто така, треба да се има на ум дека претходните искуства на македонските влади во изминативе седум-осум години со брзоплети решенија, слепа доверба и послушност во ветувањата од „надворешните фактори“ во однос на евроинтеграциите, доведоа до залудна промена на името на државата, загрозување на националниот идентитет на Македонците (историја, јазик и културна автентичност), но и во извесна мера и редукција на суверенитетот и националниот интегритет.
Најочигледен пример за промашувањата на брзоплетите решенија и некритичката послушност е „специјалното издание“ на понудената преговарачка рамка, т.е. францускиот предлог, со услов за отворање на поглавјата, кој навлегува во внатрешното уредување на државата (Уставот), што секако е своевидно влијание врз суверенитетот. Притоа, со постојниот француски предлог, на никој начин не се гарантира дека Македонија во преговарачкиот процес нема да биде блокирана од страна на Бугарија со билатерални прашања. Меѓу другото со предлогот на македонската влада, т.н. „француски предлог плус“, се очекуваат одредени гаранции за отстранување на опасноста од понатамошна билатерализација на преговарачкиот процес – односно процесот на преговори да се води со Брисел според Копенхашките критериуми, без „предигра“ со Софија.
Европската Унија премногу длабоко загази во непринципиелност во процесот на проширување со Македонија, угодувајќи им на барањата и уцените на своите земји членки, како Бугарија и Грција. „Францускиот предлог плус“, иако не е најдоброто што може (и треба) да се добие за Македонија, во поголема мера нуди можност за ЕУ да се извлече до некаде од вителот на непринципиелности и манипулации, во кои беше вовлечена од каприците на своите земји членки. Дури и британски „Гардијан“ неодамна констатираше дека „проширувањето предолго беше жртва на каприците на постојните членки што сакаат да ги промовираат своите национални интереси“.






