Откако цените во маркетите „експлодираа“, ќе се стави ли ред во трговијата?!

Преку ограничување на маржите за 10% во трговијата на мало и големо Владата планира да стави крај на високите цени на основните прехрамбени производи. По ваквата владина одлука, која беше донесена на денешната седница на која се разгледуваше извештајот на државниот пазарен инспекторат спроведен кај ланците на маркети и дистрибутерите, до крајот на април годинава 100-тина производи се очекува да имаат пониски цени. Дополнително на маркетите им се препорачува и јавно да ги објавуваат цените на сите производи.



Од владата велат во периодот кој следи ќе се разгледува и опцијата дали ќе биде потребно да се носат и дополнителни кошнички, кои претходно беа најавени како што се рамазанската и велигденската кошничка.

  • Мерката да се однесува на истите 73 групи на производи кои беа дел од претходните кошнички, но истата да се дополни со средства за хигиена, како што се детергентите и плус да се дополни со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи“, истакна Марија Митева, портпаролка на Владата, на прес-конференција попладнево.

Мерката, според Митева, е предвидена да почне од денот на донесување, што се очекува да биде многу скоро, можеби уште денеска, и да трае заклучно со 30 април во 2025 година.

Поради високите цени на храната граѓаните по примерот на земјите од регионот, во два наврати го бојкотираа пазарењето, на сметка на што прометот на маркетите првиот пат беше намален за речиси 50, додека вториот за 22%.