Платите на функционерите ќе замрзнат на сегашното ниво кое во себе го содржи ланското зголемување од 78%, но нема да го реши прашањето системски, велат поранешни пратеници, откако нивни колеги од СДСМ предложија измени на 6 закони со кои се намалува коефициентот за пресметка на плата на избраните функционери, објави ПлусИнфо. Тие сметаат дека реакцијата на пратениците е задоцнета, но сепак ќе придонесе платите на функционерите да не се зголемат за дополнителни 15% поради растот на просечната плата која е основица за нивна пресметка.
Владата ги оцени овие измени како најдобро решение во моментот, а техничкиот министер за труд и социјална политика смета дека ова е ад хок решение што не го решава проблемот.

Пратениците на СДСМ и коалицијата во Собранието поднесоа измени на Законот за платите и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Законот за платите на судиите, Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на судски совет, сите по скратена постапка.
Целта на измените, како што образложија, е да се спречи зголемувањето на функционерските плати, кои беа зголемени за 78 проценти во март лани, откако Уставниот суд ја укина фиксната основица. Собранието на денешната седница одлучи измените на овие закони да се носат во скратена постапка. За предлог-измените сега треба да расправаат собраниските комисии, по што ќе треба да ги донесе Собранието.
Ако бидат изгласани овие предлог закони, тогаш во пресметката на платите на функционерите останува основ да биде просечната плата во државата во претходната година според пресметките на статистика, но се менува висината на коефициентите кои досега се движеа во распон од изнесуваат од 2,20 до 4,50, а сега се предлага да се движат од 1,91 до 3,92. Така коефициентот за пресметка на платата на претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието од 4,50 се намалува на 3,92. Коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, од 4,00 се намалува на 3,48.

Коефициентот за утврдување на платата на член на владата, претседател на работно тело на Собранието, претседател на врховниот суд, јавен обвинител, судија на Уставниот суд, гувернер на Народната банка, јавен правобранител, народниот правобранител, секретар на собранието и секретар на владата, од 3,70 се намалува на 3,22. Потоа коефициентот за заменик министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на државата, неговите советници, секретарот на Кабинетот на претседателот како и републичките советници во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, судија на Врховниот суд, заменик на јавниот обвинител, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, претседател на апелацискиот суд и виш јавен обвинител, од 3,40 се намалува на 2,96.
Коефициентот за утврдување на платата на раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелациски суд и заменик на вишиот јавен обвинител, претседател на основен суд и основен јавен обвинител, од 3,20 се намалува на 2,79. Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје кој изнесуваше од 2,70 до 3,70 сега се намалува на 2,35 односно на 3,22.
– за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициентот се намалува од 2,70 на 2,35
– за градоначалник на општина од 10.001 до 25.000 жители коефициентот се намалува од 2,90 на 2,52
– за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициентот од 3,20 се намалува на 2,79
– градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициентот од 3,40 се спушта на 2,96, а коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на град Скопје изнесува од 3,70 се намалува на 3,22.
Бруто-просечната плата за 2023 година за пресметка на плати изнесува 57.609 денари, па ако се помножи со коефициентите се добива бруто–плата на секој функционер, без пресметан стаж и надоместоци.





