Осомничениот за помагање во случајот со убиството кај „Мавровка“ сам ѝ се предал на полицијата

„Еден од осомничените за завчерашното убиство кај Трговскиот центар ‘Мавровка’ сам ѝ се предал на полицијата вчера попладнето и тој е на распит во полициската станица во ‘Кисела Вода’.“ – потврдуваат од Минитерството за внатрешни работи за Македонската информативна агенција. Полицијата интензивно трагаше по ова лице, за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“.

Министерството за внатрешни работи вчера информира дека СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела „убиство” и „убиство во обид“, кои беа извршени на паркинг- просторот зад трговскиот центар „Мавровка“, каде што со употреба на огнено оружје беше убиен В.Е.(58) од Скопје и на улица „Стојна Стефкова“, каде со пиштол беше пукано кон полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

Од МВР посочија дека по преземени мерки и брза реакција на СВР Скопје, специјалните полициски сили, хеликоптери и дронови бил фатен и лишен од слобода сторителот на кривичните дела Е.К.(39) од Скопје, кому Основниот кривичен суд веќе му одреди триесетдневен притвор. За второто лице, кое беше лишено од слобода вчера, од МВР велат дека до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободено. Се преземаа интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно вмешано лице, за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“.

Основиот кривичен суд Скопје вчера попладне соопшти дека на осомничениот за вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ Мавровска му е изречен триесетдневен притвор. „Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување притвор против Е.К. од Скопје, осомничен за две кривични дела убиство и убиство во обид, како и едно кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје, а поврзано со убиство на паркингот кај ТЦ Мавровка, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, донесено е решение, со кое е прифатен предлогот и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.“ – се наведува во соопштението од Кривичниот суд.

Согласно со решението, притворот се определува, поради постоење опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и повторување на делото. Против ова решение странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.