По информацијата на атинска „Скај“ дека наредната недела на 8 или 9 јануари вице-премиерот Бујар Османи ќе има средба со грчкиот шеф на дипломатијата во Атина, тој денес ниту негира ниту потврдува такво нешто, но рече дека во претстојниот период ќе има редовна комуникација меѓу двете влади.
Веројатно овде спаѓа и можната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на економскиот самит во Давос, но контактите веројатно се нужни и поради најавената средба на 19 јануари на медијаторот Метју Нимиц со „преговарачите“ Васко Наумовски и Адамантиос Василакис во Њујорк.
Околу проблемот со името, Османи замолил, како што јавува „Телма“ ова „и онака сложено прашање, да не се оптоварува дополнително со потпрашања за начинот на кој би се верификувало (новотоиме на државата – н.з.): со референдум или во Собрание“.





