Македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи изрази загриженост дека проширувањето на Европска унија би можело да се одолговлекува поради неможноста да се формира влада во Берлин седум недели по парламентарните избори.
„Ние сме загрижени дека ЕУ би можела да го одложи приближувањето на нашата земја кон Унијата. Со претседавањето со ЕУ од Бугарија во почетокот на следната година, а потоа и од Австрија до крајот на годината, имаме временски прозорец за нашето пристапување конечно силно да тргне напред. Но, за ова ни е потребна силна Германија, која дополнително ја турка интеграцијата на ЕУ“, изјави Османи за германскиот весник „Ханделсблат“.
„Македонија и другите земји од поранешна Југославија, како што се Србија, Косово и Босна и Херцеговина, во Ангела Меркел гледаат силен застапник за проширувањето на ЕУ кон Југоисточна Европа“, пишува весникот.





