Орбан ќе им одзема државјанство на оние кои имаат двојно

 

Владата во Будимпешта планира привремено да им го одземе унгарското државјанство на грѓаните кои имаат двојно државјанство, според законот поднесен до парламентот од партијата на премиерот Виктор Орбан.



Предложената мерка, која се очекува да помине без тешкотии, е насочена кон поединци за кои властите сметаат дека претставуваат закана за државата.

Критичарите сметаат дека законот е алатка за замолчување на противниците на владата.

Во нацртот се наведува дека државјанството може да им биде одземено само на оние чие второ државјанство не е во земја членка на ЕУ или во Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка и Исланд.

Државјанството може да се одземе ако некое лице дејствува во интерес на друга држава или странска организација или претставува закана за унгарскиот јавен ред или безбедност.

Се предлага да се одземе државјанството за најмногу 10 години.

Законот може да влијае на поединци како што се унгарските граѓани и американските државјани вработени во организациите за човекови права.

Орбан со години користи репресивни методи против критичарите и независните граѓански организации, честопати оправдувајќи ја оваа постапка со тврдењето дека поединци и групи критички настроени кон власта ги претставуваат странските интереси, пишува ДПА.