Орбан: Историска грешка на ЕУ е што уште нема преговори со Македонија – само ви прават рани на душата

Огромна историска грешка на ЕУ е што сè уште не ги почнала преговорите за членство со Македонија, а таа грешка сега е дигната на квадрат со одвојувањето на Албанија во евроинтеграцискиот процес, за што јас не гледам никакви причини, рече денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски по меѓувладината седница во Охрид.



– Народите и државите во Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од тоа што го добиваат од Брисел и требаше одамна да се членки на ЕУ. Македонија е кандидат од 2005 година, почна заедно со Хрватска, во 2008 година заедно со Хрватска добија позитивно мислење, сега Хрватска е членка, а со Македонија преговорите не се почнати. Ова е огромна историска грешка на ЕУ и ова ќе биде огромен предизвик за македонската влада – рече премиерот Орбан.

Тој најави дека Унгарија е подготвена да биде посредник во македонско-бугарските разговори доколку двете држави се согласат со тоа.

– Придржувањето на Македонија е условено со тоа на некој начин да се спогодат со Бугарија. Му го пренесов предлогот на премиерот Мицкоски дека ние сме подготвени како претседателство да посредуваме, а дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник – ќе видиме. Ние сме посветени да најдеме решение кое им одговара и на Македонија и на Бугарија. Тоа треба да го решат страните кои се во судир, а ние сме подготвени да помогнеме – рече Орбан.

Тешко е да се разбере, додаде тој, тоа што една нација ја залажуваат со започнување на преговорите за членство во ЕУ, при што напредуваат сите држави со кои заедно започнале, нив ги држат во заднина.

– Националната гордост е најважна и ЕУ мора тоа да го има предвид. Ова што се случува со Македонија е повредување на националната гордост на граѓаните што 10 години постојано се случува. Вие одамна требаше да сте членки, а овој однос на ЕУ прави рани на душата. Ние треба да градиме пријателства, а не да задаваме рани на душата на една нација. Голема грешка е што не сте членка, а вас сега ве одвојуваат од Албанија. Единственото решение го гледам во тоа дека вие до крајот на годината мора да почнете со преговорите – рече Орбан.

Најважната тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ, а Унгарија е претседавач со ЕУ и логично е дека за тоа најмногу зборувавме, додаде премиерот Орбан.

– Ставот на Унгарија е познат, многу е важна стабилноста на Западен Балкан и зачленувањето во ЕУ. Зачленувањето е огромна можност и за сите држави-членки и сите добиваме многу, но ЕУ ја загуби својата динамика. Ние мора да го обезбедиме проширувањето. Не го одминуваме и фактот дека Украина и Молдавија добија вонредно забрзани постапки за зачленување, мора да го земеме предвид геополитичкиот фактор, но не е лесно што други земји кои со години се посветени се оставени на страна. Многу е важно да се одржи проширувањето на дневниот ред на ЕУ и да се забрза. Подготвени сме да правиме меѓувладини конференции – рече Орбан.

Премиерот Орбан истакна дека двете земји имаат добра билатерална соработка и спомена дека ова лето ни помогнале со речиси 50 пожарникари и со сериозна технолошка опрема во гаснењето на пожарите.

– Ова го нагласувам затоа што ова е наш одговор на помошта што во 2015 и 2016 година ја добивме од Македонија во времето на мигрантската криза. Тогаш ние станавме свесни дека Македонија не е само пријателска држава, туку е стратешка за безбедноста на Унгарија, затоа што се наоѓа на мигрантската патека и ако вие не можете да се справите со мигрантската криза ќе мора ние тоа да го правиме. Затоа нам ни е важно во Македонија да има стабилна влада која ќе може да ги исполнува своите обврски – рече Орбан.

Тој истакна дека 2.004 унгарски полицајци досега учествувале заедно со македонските полицајци во одбрана на јужната граница и спречиле влез на 16.000 мигранти, што е „ убав пример за соработка“. Додаде и дека Унгарија е подготвена за финансиска соработка и да придонесе за зголемување на безбедноста, па затоа ќе ни помогне и во процесот на зачленување во ЕУ.