ОМО „Илинден“ – Пирин ја повикува Бугарија да ја прекине дискриминацијата на Македонците и да ги спроведе пресудите против тоа!

„ОМО ‘Илинден“ – Пирин ја повикува Бугарија да започне со спроведувањето на европските правни и етички норми и да ги почитува Повелбата на Обединетите нации и особено Универзалната декларација за човекови права. ОМО Илинден Пирин ја повикува Бугарија и да се усогласи со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, како и да ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права.“нагласува оваа политичка партија на Македонците во Бугарија на својот фејсбук-профил.



Натаму, ОМО „Илинден“ – Пирин во својата објава на општествената мрежа истакнува: Бугарија како држава продолжува да не биде полноправна членка на Европската унија и да не ги почитува основните човекови права, да не ги почитува своите обврски од меѓународните договори. Бугарија како држава продолжува да покажува намерно непочитување на европските и меѓународните институции и со тоа да ја одржува практиката на создавање услови на несигурност и нееднаквост во општеството. Бугарското обвинителство одбива да покрене обвиненија за кривични дела од омраза кога жртвите се Македонци, или нивни организации, дури и кога сторителите се неспорно идентификувани и кога јавно го признале своето дело!

Од почетокот на демократските промени во Бугарија на 10 ноември 1989 година до сега, бугарски суд никогаш не пресудил во корист на организација, што ги застапува интересите на заедницата на бугарските граѓани со македонска самосвест. Поради ова, во последните 20 години Бугарија беше многу пати осудена во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а случаите продолжуваат да се зголемуваат;Поради продолжувањето на тековната правна дискриминација на македонското малцинство, Бугарија е предмет на набљудување-мониторинг од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа.

Го изразуваме нашиот гнев, бидејќи бугарските државни институции, чија должност е да ги спречат и да ги казнат извршителите на дискриминаторските практики, всушност работат на спротивен начин: ги прикриваат таквите случаи, ги ослободуваат од вината сторителите и така ги охрабруваат во нивните кривични дела. Правосудниот систем не функционира подеднакво за сите граѓани, туку постапува селективно: на еден начин за мнозинството, а на поинаков начин само за Македонците. Органите на спроведувањето на законот не се независни, туку ја спроведуваат тековната дискриминаторска политика кон Македонците. Ниедна институција – претседателство, парламент, советот  на министри, народниот правобранител и други од 1989 година досега не сметаше дека е неопходно да се обрне внимание на систематските проблеми на македонското малцинство, со што се поттикнуваат прекршувањата на правосудниот систем.

Бугарската партија ВМРО-БНД, претходно ВМРО-СМД, е позната по својата противмалцинска и македономразечка политика и таа е создадена и водена од поранешни агенти на тоталитарната Служба за државна безбедност.