ОМО „Илинден“ – Пирин со честитка до Мицкоски и повик: Очекуваме поддршка за нашата борба за правата на Македонците во Бугарија!

„Му го честитаме на Христијан Мицкоски изборот како премиер на Македонија! Како премиер на Македонија е избран човек, кој како лидер на најголемата (тогашна) опозициска партија во 2022 година присуствуваше на отворањето на Македонскиот културен клуб во Благоевград и со тоа ја покажа својата поддршка кон борбата на Македонците во Бугарија. Сега се надеваме и веруваме дека ќе ја продолжи како премиер на Македонија својата поддршка за нас и за нашата борба за човекови и малцински права!“ објави организацијата на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“ – Пирин на својата фејсбук-профил.



Натаму во објавата ОМО „Илинден“ – Пирин“ истакнува: Повикуваме на повеќе внимание, средби и присуство на претставници на Македонија на најголемите чествувања на нашата заедница во Бугарија. Секогаш е добро дојден кај нас!

Свесни сме за огромните притисоци кои се вршат врз новата македонска Влада, но се надеваме дека ќе најдат сили и достоинство да ги издржат, но и да се борат и да се изборат за најдоброто за Македонија и Македонците.

Им посакуваме на премиерот Христијан Мицкоски и на новата македонска Влада многу успеси, мудрост и достоинство!