Одложено судењето за убиствата на Вања и Панче

Судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кое денеска требаше да започне во 10 часот, одложено е за 20 септември, бидејќи Кривичниот суд до вчера ги немаше споено обвиненијата против првообвинетиот Љупчо Палески-Палчо и четворицата соучесници, а тоа го стори токму денеска, пренесе ПлусИнфо. Обвинителството инсистираше на спојување на двете обвиненија поради нивната врска со истиот кривичен настан.



Во Судот денеска беше спроведен Сашо Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, кој е исто така меѓу обвинетите, но тој веќе некое време е во домашен притвор. Спроведени беа и обвинетите Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, кои се товарат за учество во злосторствата. Единствено не беше спроведен првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, поради тоа што обвиненијата не беа споени.

Сите обвинети беа уапсени во декември минатата година, откако полицијата ги поврза со убиството на Жежовски, а подоцна и со убиството на Ѓорчевска.

Љупчо Палески не беше уапсен во земјава бидејќи преку Белград успеа да избега во Турција. Тој на 5 декември 2023 година беше уапсен во Турција, а екстрадиран во земјава на 15 мај годинава.