Одбиена жалбата, таткото на Вања останува во притвор

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, донесе одлука по жалбата на обвинетиот Александар Ѓорчевски изјавена против решението за продолжување на мерката притвор, во кривичниот предмет познат во јавноста како „Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска”.



Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната јавна седница на ден 13.03.2024 година, донесе Решение ВКЖ1-11/24, со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ. од Скопје, изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година.

Минатиот месец Апелацискиот суд исто така ја одби жалбата на Александар Ѓорчевски.

Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, по завршувањето на седницата повтори дека неговиот клиент не се познава со останатите осомничени и нема доказ дека тој комуницирал со нив и затоа не треба да се продолжи мерката притвор особено во овој случај бидејќи станува збор за превентивен.

Во своето излагање пред судот пак, Ѓорчевски даде крајно драматичен исказ:

„Јас сум поделен на два света. Во моментот едното дете ми се наоѓа тука, другото го одземаа. Воопшто не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата, туку конечно да ја дочекам за да ја донесам одлуката дали ќе продолжам на овој свет или кај другото дете“, изјави Ѓорчевски пред судот.