„Јас дадов предлози и сет идеи и нема да коментирам што има во нив. Им ги дадов на двете страни и тие треба да ги однесат назад кај нивните влади кои треба да ги земат во предвид, да ги проучат и да видат дали ќе помогнат во донесување заклучок“, рече денеска Метју Нимиц.
Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц по денешната средба со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис на Македонија и на Грција во Њујорк изјави дека им дал предлози и сет на идеи.
Нимиц не сакаше да ја коментира нивната содржина, но посочи дека се работи за нови идеи, кои се комбинација од претходните предлози.
„Моите идеи, гледано во целост, се нови, зашто се нови комбинации од идеи, Ова го кажав и претходно – кога зборуваме за прашање и спор од 25 години, малку е веројатно да излезете со нешто сосема ново и многумина размилсувале со ова со години и тешко да се смисли нешто сосема ново. Но, сметам дека ситуацијата во регионот е сменета, учесниците се сменети и ова го сметам за добар сет-идеи, компромис и пакет со кој двете страни би се чувствувале комфорни и би довел до достоинствено и задоволувачко решение.“ – рече Нимиц.
Според него, можно е прашањето да се реши во наредните шест месеци.





