Македонија и Бугарија си поставија рок од десет години за долго очекуваното поврзување меѓу двете земји со директна железничка линија меѓу главните градови Скопје и Софија.
Трасата ќе биде брза, при што во бугарскиот дел возовите ќе се движат со брзина до 160 километри на час, а во македонскиот до 100 км/ч поради тешкиот терен.
До крајот на месецов Бугарија ќе почне процедура за избор на проектант на линијата од Радомир преку Ќустендил до Ѓуешево, која ќе чини 473 милиони евра. И сега функционира таква железничка врска, но возовите на места се движат со брзина од 48 км/ч, а на други до 88 км/ч, па ќе биде извршена целосна реконструкција и модернизирање, за проектот да финализира со нејзина електрификација. Двете земји ќе се спојат со железница преку тунел кај Деве Баир.
Проектот е дел од Паневропскиот коридор 8 од Радомир до Белјаковци на македонска страна и како приоритет си го зацртаа министрите за транспорт на двата соседа Горан Сугарески и Ивајло Московски на средбата во јуни во рамките на посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Бугарија.
Османлиското царство уште во 1873 година почнало да ја гради таа линија, но поради недостиг на срдства работите биле запрени веќе следната година. Бугарскиот интерес за изградба на пруга Скопје – Ќустендил – Софија, пак, датира од 1878 година, кога по ослободувањето од Османлиите бугарската Влада инсистирала наведената железничка врска да биде дел од меѓународната линија Виена – Цариград.




