Од милионски бизнис до „питачки стап“ – Извршител ја продава Соравиа за дури 22,4 милиони евра

Деловниот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје се продава од извршител, по барање на доверител за долг од 930 илјади евра. Доверителот е „Прва инвестициска банка“ од Софија, Бугарија, а извршувањето е засновано на солемнизација на договор за залог од 2 септември 2022 година против должникот „Соравиа инвест“.



Дрин Ахмети, кој оперираше со овој објект, не успеал да го задржи имотот. „Соравиа“ периодов беше во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“.

Во заклучокот, кој е јавно објавен на веб страницата на комората на извршители, стои дека почетната цена за објектот е 1.377.978.526 денари односно околу 22.406.000 евра. Извршителот наведува дека објектот се продава поради долг од околу 930.000 евра кон бугарската Прва инвестициска банка.

Огласот е објавен на 24 март, а лицитацијата ќе се одржи на 24 април во канцеларијата на извршителот Андреја Буневски. Во извршувањето на побарувањата се вклучени уште тројца извршители. Во заклучокот за лицитација се наведени сите катастарски наведени недвижности на центарот „Соравиа“.

Инаку, ова не е единствен долг на „Соравиа инвест“ кон истата банка која во 2020-тата издаде кредит на компанијата, а има и други пристигнати побарувања кон доверители.