Од Катастар молк, ама затоа од 1.250 на 4.000 денари скокна цената на имотниот лист

Од 1.250 на 4.000 денари скокна цената на имотниот лист ако купите имот или го смените сопственикот. По два дена молк Катастар се произнесе за Тарифникот за катастарски услуги. Цените останувале исти, но сепак ќе плаќаме најмалку три пати повеќе. Уписот на стан останува 1.250 денари, но тоа ќе не чини барем три пати повеќе, пренесе Сител. Досега со еден упис во имотен лист можеше да се внесат квадратурата на станот, земјиштето, заедничките простории, гаража доколку сопственикот поседува. Сега, сите овие ставки ќе одат на посебни имотни листови, што значи дека првиот упис на стан ќе чини најмалку 3750 денари, а доколку сопственикот поседува гаража или некоја друга просторија, цената ќе расте. На ова треба да се додаде + 600 денари за нотарски услуги.



Доколку сакате да купите имот или да го смените сопственикот ќе платите поскап имотен лист, па наместо досегашните 1250 денари новата цена ќе биде околу 4.000 денари. Но освен имотниот лист, поскапуваат и геодетските услуги за кои Владата на 30-ти јануари дала согласност, а тарифникот стапил на сила на 15-ти февруари.

Од Катастар за Сител појаснуваат дека досега градежните компании при упис на зградите, сите станбени единици и простории ги упишувале со еден имотен лист. Тоа е една од причините за промената во Тарифникот.

  • Во претходниот Тарифник овој надоместок се наплаќаше по правен основ, односно поднесено барање и во еден правен основ можеше да се содржани неограничен број на имотни листови. Сегашниот надоместок останува непроменет, но се однесува на еден имотен лист. Овој надоместок се наплаќа само при првиот упис и кога се менува сопственикот. Секое следно вадење имотен лист останува со цена од 250 денари, велат од Катастар.

Значително поскапување има и кај премерот што го прават геодитетите, но и за самото изготвување на планот. Но геодитетите засега не можат да кажат колку точно ќе биде поскапувањето на нивните услуги зашто не направиле пресметки. Геодитетите кои ги контактиравме велат дека промените во Тарифникот за геодетски услуги се на нивно барање бидејќи цените не биле променети цели 10 години. Меѓутоа, велат дека Катастар преку новиот Тарифник за геодетски услуги го маскира поскапувањето на катастарските услуги, како вадењето имотен лист.

Директорот на Катастар, Борис Тунџев два дена не одговара на повиците на новинарите. Но за државната МИА веќе изјави дека зголемувањето било направено поради зголемени трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемување на платите.