Посетата на Благоевград пред два дена од амбасадорката на Македонија во Софија, Агнеза Руси-Поповска, го налути заменик-претседателот на ВМРО-БНД, Милен Михов, кој за „срдечниот прием“ побара оставка од градоначалникот Методи Бајкушев.
„Денот кога премиерот на Северна Македонија се закани дека ‘нема да клекне пред Бугарија’, градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев, рече дека ‘апсолутен приоритет за општина Благоевград е надградбата на добрите односи со Република Северна Македонија’. Тоа се одразувало со инвестиции од двете страни, образовна и културна размена“, пишува Михов на Фејсбук пред да поентира: „Посетата на амбасадорот на РСМ на Благоевград, која се совпаѓа со уште една провокација на Христијан Мицкоски за македонско национално малцинство во Бугарија, не е случајна. Оваа иницијатива ги демонстрира обидите на Скопје да се прикаже себеси како бранител на правата на Македонците во Пиринскиот регион, а забелешките на Бајкушев им служат на овие тврдења. Да правиш мили очи пред амбасадорот во Благоевград, кога во Скопје се потсмеваат со Бугарија, е понижувачки и за самиот човек и за политичката партија што ја застапува (Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија). Македонската пропаганда ќе ги претстави постапките на градоначалникот на Благоевград како доказ за симпатиите на Македонците во Бугарија кон Скопје како контрапункт на ‘официјалната’ бугарска политика“.





