Истрагата против Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничниот во случајот за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, е завршена, соопшти утрово Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Известувањето за завршената истрага, како што информираат оттаму, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веќе го доставил до првоосомничениот, со што почнува да тече рокот во кој одбраната треба да изврши увид во доказите.
По завршувањето на оваа постапка и поднесувањето на обвинение против Палевски, Обвинителството ќе бара спојување на овој предмет со обвинението што ОЈО Скопје веќе го поднесе против останатите четворица обвинети во случајот, а по кое Основниот кривичен суд Скопје закажа почеток на судењето за 30 јули.
Од Обвинителството додаваат дека е завршена и истражната постапка за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Станува збор за Стефан Димовски, кој го возел Палевски од Србија преку Бугарија до Турција.
Постапката против ова лице, се додава во соопштението, ќе се води одвоено.
Љупчо Палевски-Палчо на 15 мај беше екстрадиран од Турција. Веднаш по доаѓањето во земјава беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.
Палевски откако беше екстрадиран од Турција беше на распит пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.





