„Во своја објава на фејсбук Спартак Нѓела зборува за ‘три историски причини зошто Албанците задоцниле со сеалбанското обединување на териториите на Арберија’. Тој предупреди дека американската политика ќе најде повод за обединување на Чамерија како дел од територијата на Албанија. Според Нѓела, истото ќе се случи и со автохтоните Албанци во * Македонија.“ – објави весникот на албански јазик „Бота сот“ во својата информација со наслов „Нема дискусија’ – Нѓела предупредува: Американската политика ќе најде повод и за овие албански територии!“ Инаку, Спартак Нѓела е адвокат и опозициски политичар во Албанија, нејзин поранешен министер за правда и поранешен пратеник во парламентот на оваа држава. Во 2008 година ја има основано партијата „Закон и правда“. Во април 2023 година во своја колумна Нѓела веќе се огласи со тврдењето дека „во Македонија ќе се создаде третата албанска држава, со што ќе се заокружи проектот ‘Велика Албанија“. Во своето најново истапување во Албанија и на рамниште на Балканот, со објавата преку фејсбук, Спартак Нѓела упатува закана не само кон територијалниот интегритет на Република Македонија, туку и на Грција, оти тврди дека ќе се обедини со територијата на Албанија и областа Чамерија. Чамерија е крајбрежна област во северозападна Грција, во грчките префектури Теспротија и Превеза.
Бота сот“ ја пренесува објавата на Нѓела на фејсбук, во која покрај другото, тој истакнува: По паѓањето на османската империја со распарчувањето на Албанија големите сили им дадоа на нашите окупатори, српски, грчки и црногорски, околу 200 илјади квадратни километри вистинска албанска територија. Но, во годините 1997-1998 албанското херојство им ја даде на Албанците нивната втора држава: Косово.
Ова херојство ќе продолжи до целосното преземање на Чамерија. За ова нема повеќе дискусија. Но, треба да почекаме до моментот кога американската политика ќе најде повод за случајот за Чамерија, исто како што го најде поводот за случајот со Косово во 1997-1998 година. Американскиот интерес е многу голем Чамерија да биде дел од територијата на Албанија.
А автохтоните Албанци во * Македонија? Сѐ е ова исто како и прашањето со Чамите.
Да чекаме и да го следиме со внимание развојот на нашата нова историја.





