Партијата на грчкото малцинство во Албанија по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, денеска во Тирана организираше тркалезна маса на тема „Законот за заштита на националните малцинства, де факто, чекор назад за почитување на нивните права“.
Премерот Еди Рама нема политичка волја за да ги заштити нацоналните малцинства, обвини Вангел Дуле, лидер на паријата на грчкото малцинство и пратеник во албанскиот парламент во дискусијата во која учествуваа преставници на грчката, македонската, влашката, ромската и египќанската заедница кои беа едногласни дека Албанија не ги почитува препораките на Советот на Европа и побараа меѓународна подршка со цел албанската влада да го измени законот.
Во име на македонската заедница, Васил Стерјовски, посочи дека Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, за македонската заедница не ги решава проблемите со почитување на основните човекови права на целата територија на земјата, туку со новата територијалната реформа од 2014 година само во три општини Пустец, Дропул и Финиќ.
Исто така, овој закон со кој се призна измисленето бугарско малцинство, откако Бугарија се закани дека ќе стави вето на членство на Албанија во Европската унија, создава проблеми на македонското малцинство.
Признавањето на непостоечко бугарско малцинство во Албанија, покрај тоа што е научна и историска деформација, исто така е и сериозна провокација, создавајќи непостоечки реалности и вештачки ни создава многу проблеми со Бугарија, чија цел е негација на македонската заедница во Албанија, заклучи Стерјовски.




