Предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за одложено дејство на уставните измени. со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата, добива поширока политичка поддршка дома. Освен коалициските партнери во Владата, ЗНАМ и Вреди, согласност веќе даде опозициската ЛДП. СДСМ најави дека е подготвен да разговара за сè што ќе овозможи исчекор на Македонија во евроинтеграциите – пишува Плусинфо.
Премиерот Мицкоски, синоќа, на 20. Европски самит во Салцбург посветен на Европската Унија и на реформите, истакна дека државата е блокирана од нерационален и билатерален спор со Бугарија. Тој предложи спорот да се надмине со одложена примена на уставните измени, по терк на Преспанскиот договор, со кој државата го смени уставното име.
– Во нашата преговарачка рамка со ЕУ, за прв и, се надевам, за последен пат, имаме билатерални прашања кои се таму покрај Копенхашките критериуми. Ниедна земја пред нас не била во таква ситуација. Ние сакаме да сме конструктивни, да седнеме на маса и да ги објасниме фрустрациите на нашите граѓани, кои се чувствуваат предадени. Да се биде конструктивен, значи да се нудат решенија. Нашиот последен предлог може да биде прифатлив за сите. Секогаш се обидувам да разговарам на јазик кој е разбирлов северно од Виена. Не ме сфаќајте погрешно, но ако Преспанскиот договор беше ремек-дело на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, брилијантно, зошто тогаш да не го повториме ова „ремек-дело“ за конечно, трајно и одржливо решение? – рече премиерот Мицкоски пред европските политичари во Салцбург.
Премиерот Мицкоски веќе неколку месеци пред домашната и пред европската јавност се труди да објасни дека нема дас има уставни измени за влез на Бугарите во Уставот, иако тоа е услов за продолжување на преговорите за членство со ЕУ, сè додека од Брисел не дојде некаква гаранција дека до крајот на разговорите ќе нема нова блокада од Софија. Тој и пред европските политичари објасни дека неговата позиција како премиер е удобна, со големо мнозинство во Собранието. Но, граѓаните се против уставните измени во бараната форма, па реално, без гаранции дека ќе нема нови вета, тој пред своите избирачи не може да објасни зошто повторно е потребно да го менуваме Уставот.
– Во Преамбулата треба да вметнеме мало бугарско малцинство, а не неколку стотици илјади луѓе, туку 800 до 900 граѓани кои се дел од бугарската заедница. И нормално, од европската заедница ни велат, ајде, ова не е голема работа, сторете го тоа и да продолжиме понатаму. Би било едноставно, да е првпат. Но, не е. Во претходните девет пати, не успеавме. Кога стануваше збор за испорака однадвор, секогаш имаше разговори, а ниеден исчекор напред, само нови обврски за нас. Како што одминуваше времето, растеа фрустрациите и сега чувството кај нашите граѓани е дека сме предадени. И сега, граѓаните ќе прашаат зошто да го смениме Уставот, што е со македонското малцинство во Бугарија. А не зборуваме за неколку стотици, туку за десетици илјади луѓе. За Бугарија има 14 пресуди од Судот за човекови права од Стразбур во полза на македонската заедница на Бугарија и нула пресуди за бугарското малцинство во Македонија. Па, зошто да го смениме Уставот, а во Бугарија не им дозволуваат на Македонците ниту да регистрираат здружение на граѓани? Немам аргументи да застанам пред граѓаните и да ги убедам да прифатат уставни промени, Никој не гарантира дека овие се последни и дека по шест месеци некој од исток повторно нема да бара нешто дополнително – рече премиерот Мицкоски.
Според Арбен Таравари од коалицијата Вреди, идејата на Мицкоски уставните измени да се изгласаат, но да стапат во сила кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во ЕУ, не е лоша. Тој е оптимист дека наскоро државата ќе ги почне преговорите со ЕУ.
– Ќе ни треба гаранција дека нема повторно да бидеме условувани. Свесни сме дека рамката со Бугарија не се менува и дека на Македонија ќе ѝ требаат уставни измени. Но, ни треба и некаква гаранција, барем од центрите со влијание во светот, дека нема повторно да се бара нешто од нас. Ако продолжиме вака, различни држави може да поставуваат различни условувања – дециден е Таравари, според кого, сè се комплицира зашто во Бугарија нема стабилна влада.
Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:





